Месиќ: ЕУ нема иднина без тесна соработка со земјите од Балканот
„Хрватска, како и сите земји кои се сега во Европската Унија треба да се заложат за забрзување на европското здружување, а пред сè политичките елити на земјите од југоисточна Европа сметајќи ја и Албанија“, заклучува Месиќ????? ????????
04 Ноември 2015•Ажурирај: 11 Ноември 2015
СкопјеСтјепан Месиќ, поранешниот претседател на Република Хрватска и последниот претседател на Претседателството на Југославија во интервју за Anadoly Agency говори за престојните парламентарни избори во Хрватска, за политичката состојба на Балканот како и за потребата од интегрирање во Европската Унија, како и за бегалската криза која ги зафати балканските земји, вклучувајќи ја и Хрватска.
Месиќ вели дека нема да прејудицира кој ќе победи на претстојните парламентарни избори во Хрватска, но очекува дека тие ќе поминат во демократска атмосфера. „Очекувам дека тие ќе поминат регуларно во една демократска атмосфера. Имаше изјави кои беа скржави, кои не беа умерени, но така е тоа секогаш при изборна кампања, но тешко е да се процени кој ќе победи. Има шанси и опозицијата, но влада ќе состави оној кој има поголем коалициски потенцијал“, изјави Месиќ.
Некогашниот хрватски претседател во интервју за АА, говори и за актуелните политички процеси во земјите од Балканот, притоа земајќи ги в предвид протестите на опозицијата во Црна Гора, на Косово, продлабочувањето на политичката криза во Македонија и останатите држави.
„Сето тоа е во граници, така да кажам, пред едно демократско насочување на државите. Знаете, демократијата се учи, никој не се раѓа демократ. Детето се учи на демократија од градинка па натаму. Па така и ние, се учиме на демократија, а граѓаните ќе ја добијат онаа власт што сами ќе ја изберат. Каква ќе изберат, таква ќе имаат“, истакнува Месиќ.
Неодминлива тема е и бегалската криза со која се соочуваат земјите од Балканот. Хрватска е исто така една од земјите која е погодена со таа криза и која имаше потешкотии при справувањето со масовното доаѓање на бегалците и мигрантите.
„Бегалскиот бран ги изненади многумина, пред сè ги изненади државните институции бидејќи никој не се надеваше дека може да дојдат во толкав број. Значи, станува збор за стотици илјади луѓе, се работи за еден милионски покрет на маса и сега треба да се менува матрицата. Ним им треба максимална помош, тука се жените и децата кои бегаат од војна, бегаат од смрт“, изјавува Месиќ, кажувајќи дека ова што сега се случува во земјите на Блискиот Исток и Северна Африка, не води кон добро.
„Проблемот треба да се решава онаму каде што е настанат. Во земјите во кои бегаат луѓето треба да се решава по мирен пат да се седне на маса и да се изнајдат решенија бидејќи ова што се случува сигурно не води кон добро“, додава тој.
Говорејќи за иднината на земјите настанати со распадот на Југославија, последниот претседател на нејзиното претседателство, смета дека Европската Унија нема иднина без здружување со земјите од Балканот.
„Хрватска и сите земји кои се сега во Европската Унија ќе се залагаат да се забрза европското здружување, а пред сè политичките елити, земјите на Југоисточна Европа сметајќи ја и Албанија, мора да вршат голем напор и притисок врз Европската Унија за Европската Унија да се заокружи бидејќи само здружена Европа може да егзистира во денешниот свет“, заклучува Месиќ.