ТИРАНА (АА) - Вицепремиерот на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, на средбата со албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Дитмир Бушати, во Тирана, истакна дека Македонија и Албанија оваа година се наоѓаат пред историски предизвици и можности, јавува Аnadolu Agency (AA).
„Ние во Македонија ја прогласивме 2018 година за еден златен прозорец за да се направи чекор кон интреграцијата во ЕУ и НАТО. Имаме неколку важни точки во 2018 година, првата е стратешкото проширување, наречена како веродостојна стратегија на Западен Балкан. Нашата оцена е дека оваа стратегија не може да биде веродостојна без да бидат внатре Албанија и Македонија“, истакна Османи на пресконференцијата по состанокот.
Тој нагласи дека регионот треба да патува заедно во овој процес, нормално, како што рече, базирајќи се на индивидуалните заслуги на секоја земја.
„Освен ЕУ ние имаме уште еден друг предизвик, а тоа е интеграцијата во НАТО. За нас, како Албанци во Македонија, но и како држава, интеграцијата во НАТО е витална, поради повеќе геополитички влијанија, кои би можеле да ја загрозат иднината на земјата“, додаде Османи.
Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, истакна дека Албанија и Македонија очекуваат 2018 година да биде одлучувачка година за понатамошниот пат на процесот на евроинтеграција, јавува Anadolu Agency (AA).
Бушати се состана со вицепремиерот на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, кои по средбата одржаа заедничка прес-конференција.
„Констатираме позитивни настани во Македонија, ја имам предвид книгата на реформи која Владата на премиерот (Зоран) Заев ја стави на маса, каде албанскиот политички фактор има еден значаен придонес во управувањето“, нагласи албанскиот министер Бушати.
Бушати се осврна и на ратификувањето на Законот за употреба на јазиците во Македонија, што, според него, е едно големо постигнување.
„Имаме јасен прогрес во употребата на албанскиот јазик, согласно барањата на албанскиот политички фактор таму, поддржан од нас и од меѓународната заедница која работи на понатамошното демократизирање на Македонија. Ние сакаме да ја поддржиме Македонија за целосно спроведување на реформите, особено на тие поврзани со употреба на јазиците“, рече шефот на албанската дипломатија.
Тој нагласи дека сакаат да ги поттикнат сите политички актери во Македонија да одат напред кон создавање на еден дух на меѓуетничко разбирање, за да не се спречи оваа значајна реформа. Според него, подготвени се преку едукативните и научни институции да ја помагаат Македонија за потребното спроведување на Законот за употреба на јазиците, односно, како што рече Бушати, за употреба на албанскиот јазик.
Тој се осврна и на процесот на интеграција на Македонија и Албанија во Европската Унија (ЕУ).
„Ние и Македонија чекаме 2018 година да биде една одлучувачка година за нашиот понатамошен пат во процесот на европската интеграција. Се надевам и посакувам за Македонија да биде одлучувачка и во однос на процесот за членство во НАТО. Оваа наша констатација и очекување се базира на реформите и напорите што ги направивме во текот на овој период, а исто така, овие очекувања се базираат и на очекувањата на нашите граѓани, кои се главните поттикнувачи на реформите што ги презедовме“, пренесе Бушати.
Потсетуваме, вицепремиерот Османи за време на посетата на Албанија се состана и со албанскиот претседател, Илир Мета, со претседателот на Собранието на Р. Албанија, Грамоз Ручи, и со лидерот на опозицијата и претседател на Демократската партија на Албанија, Љуљзим Баша.
news_share_descriptionsubscription_contact


