Ivana Ramadanova
24 Април 2017•Ажурирај: 25 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Првата детска амбасада во светот, Меѓаши, во рамките на активностите по повод одбележувањето на 25-годишниот јубилеј од постоењето, денеска во Скопје одржа прес-конференција на која беа претставени досегашните достигнувања од долгогодишното работење на амбасадата, како и идните планови, области на дејствување и проекти, јавува Anadolu Agency (AA).
Според амбасадорот на Првата детска амбасада во светот, Меѓаши, Коле Ангеловски, оваа детска амбасада којашто е основана на 29 април 1992 година, е најстарата граѓанска организација во Македонија за заштита на правата на детето.
„Меѓаши ги застапува и ги заштитува правата на децата, се залага за одговорно родителство и почитување на детската личност. Таа истовремено работи на зајакнување на граѓанското движење за правата на децата и функционалност од страна на институциите, во најдобар интерес на детето. Амбасадата го промовира мировниот активизам и волонтерството, развивајќи активно граѓанство засновано на принципот на ненасилство. Меѓаши со своите активности придонесе во развивањето и јакнењето на граѓанската свест за детските правa, рушeјќи го молкот за детските страдања, особено за физичката, сексуалната и економската злоупотреба на децата, откривајќи во јавноста повеќе случаи на злоупотреби и директно ангажирајќи се за воспоставување поефикасни механизми за заштита на децата“, рече Ангеловски.
Основач и претседател на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, Драги Змијанац пред присутните истакна дека како резултат на исклучително посветената и макотрпна работа, во текот на нејзиното 25-годишно постоење, Меѓаши израсна во светски позната и призната организација за заштита на децата и, воопшто, на детските права.
„Според податоците, во нашата амбасадата досега имало 21 илјада пријави за повреда на правата на детето. За жал, речиси сите пријави се од страна на повозрасни лица, бидејќи децата сѐ уште немаат храброст да се јават и да пријават каква било повреда на нивните права. Проблемите со кои децата најчесто се соочуваат, сиромаштијата поради која децата потоа се жртви на трговија со луѓе или органи, втората причина е доделување на децата при развод, а потоа следат семејното насилство, педофилијата и вклученоста во образовниот систем“, потенцираше Змијанац.
Во рамките на денешниот настан, беа присутни и децата од училиштето „Круме Кепески“, кои учествуваа во детската работилница изработувајќи оригами.