Ivana Ramadanova
04 Јануари 2018•Ажурирај: 05 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска во Скопје оствари неформална средба со амбасадорот на Република Бугарија во Македонија, Иван Великов Петков, по повод преземањето на претседавањето со Европската Унија од страна на Република Бугарија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјавата за новинарите, вицепремиерот Османи истакна дека на амбасадорот Петков, во име на владата, му честитал за историското претседавање со Европската Унија што што започна од 1 јануари, кое како што рече, е чест за Република Бугарија, но шанса за Република Македонија во делот на европските и евроатлантските перспективи.
„Самото мото кое што Република Бугарија го има избрано за претседавањето, а тоа е 'Обединети сме посилни', е симболична порака дека една од клучните цели или точки на претседавањето на Бугарија ќе биде токму проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан“, изјави Османи.
Тој потенцираше дека уште при потпишувањето на договорот за добрососедски односи било потенцирано дека е паметно да се има добри односи со соседите, меѓутоа како што рече, е победа доколку истите тие соседи ви се пријатели.
„Република Бугарија е пријател, но и поддржувач на евроатлантските перспективи на Република Македонија во особено важен момент за нас за 2018 година, како историска година каде што можеме да направиме важен исчекор во тој дел“, додаде Османи.
Вицепремиерот Османи најави дека во наредниот период ќе се случуваат важни работи, почнувајќи од Февруарската стратегија која што е најавена за проширување, а која што е од исклучително значење за Македонија да биде дел од таа стратегија со која би се добила една од најдобрите препораки за започнување на преговори во април.
Тој додаде дека Македонија има големи очекувања и за мајскиот самит во Софија, каде што ќе се „забетонира“ перспективата на Западниот Балкан за Европската Унија.
Амбасадорот на Република Бугарија, Иван Великов Петков, јавно му се заблагодари на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, за поканата и можноста да разговараат за евроинтеграциските процеси на Република Македонија.
„Преземањето на претседателството со Европската Унија од страна на Република Бугарија официјално ќе се случи на 11 јануари во Софија. Јас официјално ќе ги претставам приоритетите на бугарското претседателство на 15 јануари во Собранието“, истакна амбасадорот Петков.
Инаку, на почетокот на август премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, и премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, во Владата го потпишаа договорот за добрососедство, пријателство и соработка.
Договорот беше потпишан на македонски и на бугарски јазик во согласност со уставите на двете земји, а предвидува бугарска поддршка во македонските евро-атлантски напори за влез во ЕУ и НАТО, соработка на билатерален план, унапредување на транспортните комуникации, олеснување на разни царински и гранични формалности, како и олеснување на контактите меѓу граѓаните на Македонија и Бугарија.
На прашањето кога може да се очекува ратификација на истиот, Османи истакна дека во бугарскиот Парламент овој договор е ратифициран, а во нашиот Парламент е поминат во комисијата за надворешни прашања, додавајќи дека се очекува многу брзо да помине и на пленарната седница.