Stipe Majic
05 Декември 2019•Ажурирај: 06 Декември 2019
ЗАГРЕБ (АА) - По состанокот на Конференцијата на претседателот на Европскиот парламент со членовите на Владата на Република Хрватска, чија главна тема беше претседавањето на Хрватска со Советот на Европската Унија во првата половина на 2020 година, претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли и претседателот на хрватската Влада, Андреј Пленковиќ, меѓу останатото, зборуваа за проширувањето на ЕУ на Западен Балкан, Договорот на ЕУ и Турција и мигрантската криза, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пленковиќ истакна дека во однос на проширувањето на Европската Унија, на состанокот кој ќе се одржи во Загреб во мај наредната година, ќе се испрати „реалистична порака за понатамошната динамика на приближување на соседните земји на ЕУ“.
Пленковиќ и Сасоли се согласија дека е потребно да се пронајде начин да се деблокираат запрените преговори на ЕУ со Северна Македонија и Албанија.
„Треба да се најде начин да се совпадне географскиот и политичкиот простор на Европската Унија, што секако е во интерес на граѓаните. Иднината на Албанија, но и на Западен Балкан е во Европа, а иднината на Европејците е да го има Западен Балкан во Европа“, рече Сасоли.
Тој оцени дека за неколку месеци повторно ќе се започне со работата за пристапување на овие две држави во ЕУ.
„Демократската структура на Европа треба да биде сѐ повеќе подготвена да биде демократија која одлучува, а не демократија која одложува“, рече Сасоли.
Во однос на прашањето за бегалците, Сасоли истакна дека кога станува збор за приемот на бегалци, ставот на Европскиот парламент за регулирање на односите со Турција е јасен.
„Ние не даваме пари на турската Влада. Ние даваме средства на хуманитарните организации на ОН и на ЕУ за заштита на сириските бегалци кои се наоѓаат на турската територија. Значи, ние не ја финансираме турската Влада како што некои би сакале да се мисли“, рече Сасоли, одговарајќи на новинарско прашање во врска со Договорот меѓу Турција и ЕУ.
Тој додаде дека парите биле наменети за да се заштити достоинството на оние бегалци кои сакаат да се вратат во Сирија и дека средствата за оваа намена треба да бидат понудени повторно во Турција.
Зборувајќи за односите со Турција за ова прашање, хрватскиот премиер Пленковиќ рече дека е неопходно да се најде аранжман со Турција што е сличен на претходниот, оценувајќи го тоа важно за безбедноста на земјите членки на ЕУ и за спречување на нерегуларните миграции.
Сасоли порача дека е задоволен што Хрватска упатила барање за пристап во Шенген и додаде дека Европскиот парламент ќе ја поддржи Хрватска, но дека за тоа одлучуваат и Европскиот совет и Европската комисија.
Сасоли изрази очекување дека хрватското претседавање со Советот на Европската Унија ќе земе замав во зачувувањето на ЕУ како индустриска сила и нејзиното трансформирање, во зачувување на работните места и во борбата против климатските промени, истовремено зајакнувајќи ја т.н. зелена економија.
Давид Сасоли се сретна и со хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ и со претседателот на хрватскиот Парламент, Гордан Јандроковиќ.