БЕЛГРАД (АА) - Министерот за надворешни работи на Шпанија, Жозеп Борељ, денес во Белград изјави дека Шпанија смета дека единствено преку дијалог може да се дојде до трајно компромисно решение за прашањето за Косово, повторувајќи дека таа земја не го признава Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
„Што се однесува до Косово, го повторивме ставот на Шпанија за непризнавање на Косово, а во исто време сметаме дека единствено преку дијалог може да се дојде до трајно компромисно решение“, изјави Борељ на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, во Белград.
Тој изјави дека Шпанија верува во дијалогот како решение, како што е покажано во примерот со Договорот меѓу Грција и Северна Македонија.
Коментирајќи го споредувањето на прашањето за Косово и Каталонија, министерот наведе дека тие две ситуации немаат ништо една со друга.
„Она што се случи на Косово нема врска со Каталонија. Ваквите споредувања немаат никаква тежина“, изјави тој.
Според неговите зборови, Шпанија ја поддржува и европската перспектива на Србија.
„Секако ја поддржуваме желбата на Србија да се придружи на европското семејство, да продолжи со пристапниот процес. Реформите покажуваат дека Србија напредува на тоа поле и Шпанија ја поддржува така да продолжи“, додаде тој.
Борељ изјави и дека неговата посета на Белград служи за тоа Шпанија да ја повтори својата посветеност на мирот на Балканот.
Зборувајќи за соработката на Србија и Шпанија, шефот на шпанската дипломатија оцени дека се потребни повеќе културолошки, економски и образовни размени меѓу двете земји.
Запрашан за Брегзит, Борељ изјави дека Брегзит веќе треба да биде одлучен еднаш и засекогаш, а дека сега Европа само може да чека и да види што може да стори британскиот Парламент.
Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, оцени дека односите на двете земји се стратешки и привилегирани, пријателски и со постојан тренд на подобрување на односите.
„Сакам да ѝ се заблагодарам на Шпанија на силната поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Србија и многу е важно што Шпанија како голема земја, членка на ЕУ, не го призна едностраниот акт на Приштина“, наведе тој.
Според неговите зборови, Србија се противи на интернационализацијата на каталонското прашање.
„Од друга страна, Србија се противи на процесот на интернационализација на каталонското прашање и нема никаков контакт со каталонските сепаратисти“, додаде тој.
Како што оцени, Србија и Шпанија имаат многу добра соработка во меѓународните организации, најавувајќи дека таа соработка ќе биде продолжена и во наредниот период.
„Многу би било добро, добрите политички односи да ги следи и подобрувањето на економските односи, надворешнотрговската размена е околу половина милијарда евра, поголема отколку што беше, но релативно мала во однос на можностите“, изјави Дачиќ.
Тој ја поздрави одлуката да се воведат директни линии Мадрид - Белград и Белград - Барселона.
Дачиќ зборуваше и за изјавата на високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, дека решението на прашањето за Косово мора да биде одобрено во Советот за безбедност на ОН, истакнувајќи дека Советот ќе мора да верификува каков било договор.
„Тоа значи дека би дошло до верификација, нормално е пред тоа членките на Советот да бидат информирани за тоа. Нас тоа може само да нè радува затоа што Србија сите свои пријатели и сојузници ги запознава со своите чекори“, изјави тој.
Меѓутоа, Дачиќ наведе дека сега воопшто не преговара, и дека дијалогот на Белград и Приштина се наоѓа во мат-позиција, што покажува дека претставниците на Приштина практично не сакаат компромис и дека сето тоа што го зборувале сите овие седум години го зборувале напразно.
„Тоа што тие донесоа платформа, може да ја закачат во ходникот на Парламентот како ѕиден весник или интерно известување. Не знам дали тие навистина мислат дека ние ќе разговараме за тоа“, изјави тој.
Дачиќ додаде и дека Приштина може така да си игра со некој друг, а не со Србија.
„Србија има платформа, Косово е автономија во рамките на Србија и таа платформа е донесена одамна. Тие не сакаат компромис, тие сакаат да земат сè и уште повеќе од тоа“, оцени тој.
На прашањето за наводите за најавата на албанска воена интервенција во северниот дел на Косово, шефот на српската дипломатија одговори дека секоја воена интервенција на северниот дел на Косово, која го нарушува договорот на Брисел со НАТО и КФОР, ќе предизвика јасна реакција на Србија.
„Сите добро знаат дека не може да си играат војна и да мислат дека Србија нема да реагира“, изјави тој, повикувајќи ги сите да не ја провоцираат Србија, но истовремено наведувајќи дека Србија нема да провоцира и да биде дел од проблемите.
Министерот за надворешни работи на Шпанија се состана денес во Белград и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а ќе се состане и со претседателката на Владата, Ана Брнабиќ.