Abdula Berisha
06 Март 2020•Ажурирај: 08 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Сојузот на стопански комори на Македонија, непосредно пред 8 Март, Меѓународниот ден на жената, одржа прес-конференција на која повика на зајакнување на позицијата на жените во сите индустрии и еднакви можности за развој, јавува Агенција Анадолија (AA).
На прес-конференцијата се обратија Габриела Кулебанова, потпретседателка на Сојузот, Валентина Дисоска, претседателка на Здружението на бизнис-жени и Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери.
Истакнувајќи ја важноста на родовиот баланс во сите сектори за економскиот развој на Северна Македонија, Габриела Кулебанова рече дека земјата во овој аспект заостанува во споредба со високоразвиените европски земји.
„Постоечкиот јаз помеѓу мажите и жените на пазарот на труд е следен: Мажите учествуваат со околу 60 отсто, а жените со под 40 отсто. Позиционирањето на високи позиции драстично се разликува во приватниот и во јавниот сектор. За разлика од приватниот сектор, во јавниот постојат квоти“, рече Кулебанова.
Таа исто така го спомена примерот со Германија, која пред пет години воведе минимални квоти во приватниот сектор за учество на жените во одборите на директори во големите компании.
Валентина Дисоска од друга страна истакна дека Здружението на бизнис-жени активно работи на јакнење на женското претприемништво во Северна Македонија.
„Она што го направивме на крајот на 2018 година беше донесената Национална стратегија за развојот на женското претприемништво. Во 2019 година работевме активно на акцискиот план за развојот на женското претприемништво, и притоа успеавме на крајот на 2019 година да донесеме активни мерки кои се веќе во функција на подобрување на женското претприемништво“, рече Дисоска.
Зборувајќи за предизвиците во руралните средини, меѓу другото и за родовата дискриминација, Васка Мојсовска од Националната федерација на фармери, истакна дека ваквите услови дополнително ја отежнуваат состојбата на жените. Мојсовска додаде дека минатата година, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, успеале да отстранат една дискриминаторска мерка од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој.