САРАЕВО (АА) - Здружението-движење „Мајки на енклавите на Сребреница и Жепа“ најави продолжување на правната борба со Холандија, чии војници во времето на геноцидот во Сребреница во јули 1995 година беа во склоп на мировните сили на Обединетите нации (ОН), јавува Anadolu Agency (AA).
По конечната пресуда на Врховниот суд на Холандија, со која е утврдена одговорноста на холандските војници кои работеле во Мисијата на ОН, адвокатскиот тим ќе даде апелација пред Меѓународниот суд за човекови права, во која ќе се бара компензацијата на најблиските сродници да не изнесува десет, туку 100 отсто, и да бидат опфатени сите жртви, а не само оние кои биле во базата на ОН во Поточари.
„Војниците на Холандија беа во состав на ОН во Сребреница, кои ни ги гарантираа животите и имотот. Ние тогаш под знамето на ОН, пред очите на холандските војници и нивните старешини доживеавме геноцид, кој го преживеавме, останавме да се бориме. Во име на Здружението би се заблагодарила на адвокатите, кои се охрабрија да водат еден ваков судски процес, кој трае веќе 18 години. Не е лесно да се тужи друга држава, а пред сè војниците на ОН“, истакна Када Хотиќ, претседателка на Здружението.
Таа додаде дека на 19 јули е донесена конечна пресуда во Врховниот суд на Холандија дека нивната држава и Влада сносат одговорност за десет отсто од жртвите и за одреден број луѓе кои биле во базата на холандските војници во Сребреница.
„Ние како семејства не разбираме што значи десет отсто од човечкиот живот, што значи заштита на една мала група луѓе, кои случајно се нашле во просторијата. Ние сите бевме под заштита на ОН и сите ние бевме опколени со жица и нам постојано ни велеа дека ни го гарантираат животот, да останеме мирни“, изјави Хотиќ.
Комбинираниот босанско-холандски адвокатски тим веќе 19 години се бори, во име на жртвите на геноцидот, во правната постапка против Холандија. Еден од адвокатите од тимот, Семир Гузина, истакнува дека по 19 години работа на правниот предмет, сепак била извојувана победа.
„Никогаш никој во историјата на европското и светско правосудство не успеа да добие пресуда со која една држава би била утврдена за одговорна за пропустите на нејзините војници, кои работеа при Мисијата на ОН. Имаме пресуда, која во меѓувреме стана правосилна и со која е утврдено дека Холандија е одговорна за исплата на компензација на жртвите од геноцидот. За жал, судовите ја намалија таа одговорност со едноставно неприфатливи десет отсто, кои во суштина и немаат никакво образложение. Симптоматично е тоа дека како што одевме на повеќе судски инстанци, тој процент се намалуваше“, изјави Гузина и додаде:
„Морам да појаснам дека со пресудата е ограничен бројот на луѓето кои можат да бараат таква компензација. Тоа, за жал, се само оние кои се убиени во самата база во Поточари. Нивните наследници, сопруги, деца, браќа, сестри, кои живееле заедно, имаат право да ја побараат таа компензација. Таа ќе изнесува десет отсто од оној износ што ќе го утврдиме“.
Гузина истакна дека првата постапка е завршена, но дека останала дополнителна можност за апелација на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, што ќе го направи во рок од шест месеци.
„Морам да нагласам дека сега работиме на подготовка на друг предмет, а тоа е тој предмет за исплата на компензација. Ние ќе поделиме еден прашалник до здруженијата и многу е битно оние што имаат право да го бараат тој надомест, а ние составивме една листа која се состои од вкупно отприлика околу 1.000 лица, да го пополнат прашалникот, бидејќи сите тие податоци се неопходни за да можеме да ја конкретизираме штетата во секој конкретен случај. Откако ќе се соберат тие податоци, ние практично отвораме преговори со Холандија и ќе настојуваме по секоја цена преку тие преговори, без суд, овој пат да се обиде да се утврди колкава би била таа компензација. За разлика од првиот предмет, каде што Холандија ја негираше својата одговорност, овој би требало да трае многу пократко, бидејќи сега се знае кој треба да ја исплати компензацијата“, нагласи Гузина.
Тој истакна дека доколку не се постине договор, опцијата ќе биде отворање нов судски процес, кој не би требало да трае предолго. Тој изјави дека без оглед на резултатот од преговорите со холандските власти, ќе биде дадена апелација пред Меѓународниот суд за човекови права, бидејќи според неговите зборови, реално е процентот на компензацијата да биде 100, а не десет отсто.
Гузина изјави дека компензацијата што ќе се бара ќе се состои од два дела: нематеријална, поради болката и загубата на сакана личност, и материјална. Нематеријалната ќе биде иста за сите обвинители, а материјалната ќе се конкретизира според секој обвинител. Во тој поглед веќе се ангажирани специјализирани куќи во Холандија, кои ќе извршат утврдување и ќе ја проценат штетата според холандските прописи. Според неговите прописи, конечниот список на оние што можат да ја бараат компензацијата сè уште не е утврден, но од пресудата на генералот Радислав Крстиќ е заземен став дека се работело за отприлика 300 до 350 мажи и момчиња, кои биле во базата на ОН.
Гузина изјави и дека мајките на Сребреница заслужиле да бидат не само номинирани, туку и да добијат Нобелова награда за мир.
„Ако некој заслужил да добие Нобелова награда за мир за оваа натчовечка борба 25 години, тоа се тие. Верувајте ми, без оглед на сто адвокатски тимови, да немавме ваква поддршка од мајките на Сребреница и здруженијата, ние никогаш немаше да стигнеме дотука“, објасни Гузина.
Амела Пашиќ во име на семејствата на жртвите од геноцидот нагласи дека е многу важно сите на кои некој им настрадал во јули 1995 година да се јават на здруженијата и да го пополнат прашалникот, за да се соберат што повеќе податоци за преговорите со Холандија.
„Мојот татко не само што беше на тој список, тој беше вработен во ОН. Тој работеше на одржување и секогаш му велеа дека нема да има никакви проблеми. Никогаш не можам да го заборавам 13 јули, сè до 16:30 часот му велеа дека нема да има никакви проблеми, да не се грижи, дека нема ништо да му се случи. Меѓутоа, на 13 јули тоа време, му рекоа дека мора да ја напушти базата, дека мора со нас да тргне и одеше 200-300 метри, тие од нас го одвоија и тоа е тоа“, се присети Пашиќ.