БУДВА (АА) - Без трајна стабилност нема иднина на просторот на Западен Балкан, а патот напред е патот кон членство во ЕУ и во НАТО, беше порачано денес на форумот 2BS (To Be Secure) во Будва, на кој присуствуваа претседателите на Црна Гора, Хрватска и Словенија, јавува Anadolu Agency (AA).
На денешната дебата, на која учествуваа црногорскиот претседател, Филип Вујановиќ, претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ и претседателот на Словенија, Борут Пахор, беше истакнато дека се потребни дополнителни напори од страна на ЕУ и НАТО, со цел да се обезбеди трајна стабилност на Балканот.
Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, рече дека денес Југоисточна Европа се соочува со многу предизвици, како и самата ЕУ на својот исток и југ.
„Југоисточна Европа е можеби најмногу изложена на тие штетни влијанија за кои зборуваме денес - влијанието на геополитичките процеси кои го опкружуваат европскиот и евроатлантски простор. Црна Гора минуваше низ многу тешкотии, но се стабилизиравте. Влегувате во НАТО, ќе влезете во ЕУ и јас верувам дека, иако и понатаму ќе продолжите да се соочувате со елементи на хибридна војна, вашиот евроатлантски пат е зацементиран“, рече хрватската претседателка.
Таа се осврна и на ситуацијата во Македонија, каде што, според неа наизглед банално прашање за решавање на името, ја доведе земјата во состојба на политичка криза.
„Иако стојам на ставот дека мора да инсистираме на исполнување на критериумите, сепак треба да се видат кои се последиците од нашите акции и како и на кој начин може да придонесеме за решавање на тие прашања. Исто така, прашањето на Косово, Албанија, Србија и другите држави во нашето опкружување. Патот напред е патот на евроатлантските интеграции, членство во ЕУ и во НАТО, кое не смее да биде само техничка вежба, туку и политички процес во кој треба да се разгледува сета сложеност на настаните во овој регион“, рече хрватската претседателка.
Таа говореше и за ситуацијата во другите земји од регионот.
„Во Босна и Херцеговина, една навидум банална, техничка работа како што е запишување на воениот имот, се разгледува како на клуч за влез на БиХ во целосно активирање на МАП. Клучот кој е даден во рацете на силите во, но и надвор од Босна и Херцеговина, со цел да ја задржуваат таа земја, ја покажаа неспособноста на нејзините институции за решавање на проблемите, а истовремено и неспособноста на НАТО и на ЕУ да изнајдат решение како да ја придвижи земјата напред. Секако, со решавањето на прашањето за регистрација на воениот имот, ќе останат многу други прашања кои ќе треба да се решат во БиХ, но она што е исклучително важно е сите да ги поддржиме институциите на Босна и Херцеговина, цврсто и решително во нивната намера и одлука на патот кон евроатлантските интеграции, бидејќи вакуумот што е создаден сега поради недостатокот на интерес на ЕУ и НАТО за ситуацијата во таа земја се исполнува со различните влијанија на трети земји и трети сили кои БиХ ја влечат во погрешна насока“, рече Грабар-Китаровиќ.
Црногорскиот претседател Филип Вујановиќ, говорејќи за влезот на Црна Гора во НАТО, истакна дека во изминатата година, Црна Гора доби гаранција за слободата и траењето и можноста за партнерство со евроатлантските партнери што ќе обезбеди квалитетен економски развој и политички углед во Црна Гора, за доброто на сите граѓани на Црна Гора.
„НАТО никогаш не бил против некого. Тој секогаш беше за интересите на Црна Гора, за интересот на регионот, за интересите на сите граѓани на Црна Гора и на сите граѓани од регионот. Ние, пристапувајќи во НАТО ја извршивме нашата уставна обврска, и тоа не од кое било Собрание, туку од Уставотворното Собрание на Црна Гора, и не со било кое мнозинство, туку со двотретинско мнозинство, и не по било кое прашање, туку по стратешкото прашање за пристапување во НАТО и во ЕУ“, рече Вујановиќ.
Таквата одлука е донесена, како што рече, знаејќи какво е минатото на овој регион.
„Минатиот век со пет војни, две балкански, две светски и војна по повод распадот на Југославија. Со оглед на бројот на жители со најмногу жртви во Европа, со најголемо разорување, со најголем број бегалци. Без трајна стабилност, нема иднина за овој регион, а таа трајна стабилност за Црна Гора ја нема без рамките на НАТО“, порача Вујановиќ.
Тој повтори дека членството на Црна Гора во НАТО не е насочено против никого, па ниту против Русија.
„Нашата интеграција во НАТО е суштински, стратешки и историски интерес на Црна Гора, не е насочена против никого, не е насочена против нашата вековна традиција на добри односи со Русите. Не е свртена против нашата желба да ја зачуваме добрата атмосфера и гостопримството со сите туристи од Русија кои се тука, ние ги покануваме да бидат тука со истата удобност, и секако не е свртена против нашата намера, која е искрена и отворена, дека нашите односи со Русија што е можно поскоро да се поправат и да бидат на ниво што го заслужуваат“, порача црногорскиот претседател.
Претседателот на Словенија, Борут Пахор ѝ честиташе на Црна Гора за членството во НАТО.
„Во име на Република Словенија ѝ честитам Црна Гора што наскоро ќе стане 29. земја-членка на НАТО. Тоа е историски момент, не само за Црна Гора, туку и за тој дел од Европа. Така одлучи црногорскиот народ, така одлучија органите на власт во Црна Гора. Навистина, беше неопходно да се одлучи и во сите други земји од НАТО, но тоа беше прво ваша, демократска одлука“, истакна Пахор на форумот во Будва.