Bojana Stojanovic,Kemal Zorlak
08 Јули 2020•Ажурирај: 09 Јули 2020
БЕЛГРАД (АА) - Повеќе лица се повредени во текот на полициската интервенција на вечерашните протести во Белград, кога демонстрантите се обидоа да влезат во зградата на Собранието на Србија, јавува Агенција Анадолија (AA).
Неколку илјади граѓани се собраа и денес пред Собранието на Србија, предводени од лидерите на опозицискиот Сојуз за Србија, да го искажат своето незадоволство против власта.
Новинарот на АА јавува дека демонстрантите околу 20:30 часот ја срушиле оградата пред Собранието, а потоа се обиделе да влезат, но полицијата интервенирала со солзавец и ги спречила во тоа. За време на интервенцијата повредени се повеќе учесници во протестите, а дежурните медицински тимови им укажаа прва помош.
На улиците околу Собранието и понатаму се присутни демонстрантите кои фрлаат петарди и светлосни ракети. Во меѓувреме, пред зградата на Собранието пристигнаа и припадници на Специјалната антитерористичка единица на Србија.
За време на протестот, претходно во текот на денот, нападнат е српскиот актер и претседател на Движењето на слободни граѓани, Сергеј Трифуновиќ
Потсетуваме, граѓаните со опозициските лидери на Сојузот за Србија тргнаа од платото кај Филозофскиот факултет во Белград, и пристигнаа пред Собранието на Србија.
Тие се наоѓаат пред Собранието на Србија, но платото околу Собранието е оградено, а самата зграда ја чуваат припадниците на полицијата.
Поводот за вчерашниот протест беше најавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека повторно ќе биде воведен полициски час поради коронавирусот. За време на вчерашните протести беа приведени 23 лица, а повредени беа 43 полицајци.
Вучиќ денес изјави дека најверојатно нема да има полициски час, но граѓаните повторно се собраа.
Сообраќајот во многу улици во центарот на Белград е запрен.