Zuhal Demirci,Fatih Hafız Mehmet,Dzihat Aliju
31 Декември 2016•Ажурирај: 01 Јануари 2017
АНКАРА (AA) – Зухал Демирџи, Фатих Хафиз Мехмет, Џихад Алију -
Претседателот на Косово Хашим Тачи овие денови престојуваше во официјална посета на Турција, а во таа прилика во разговор за Аnadolu Agency (AA), говореше за односите на Косово и Србија, за темата борба против тероризмот, како и за односот на Русија кон Косово.
Говорејќи за односите на Косово и Србија, Тачи рече дека деловите од договорот од 2013 година за нормализација на односите на двете земји се имплементирани, како и дека е во тек процесот на имплементација на сите останати делови од тој договор. Додаде дека двете земји се наоѓаат во процес во кој е потребен напредок и нови околности.
„Тоа е една динамика која односите на Србија и Турција ќе ги однесе до едно постабилно соседство, како и договорот помеѓу нашите народи и држави. Мирот и слогата помеѓу Косово и Србија, истовремено значи мир, стабилност и слога за целиот регион", рече Тачи.
На прашањето да го прокоментира примирјето во Сирија кое е воспоставено со напорите на Русија и Турција, како и какви рефкекции би можеле да имаат на Балканот последните случувања кога се во прашање односите помеѓу Русија и Турција, Тачи рече дека „сликите од Алепо и целата Сирија кои имавме прилика да ги видиме последните денови, имавме прилика да ги видиме и во режија на Слободан Милошевиќ на територијата на Босна и Херцеговина и Косово".
„Ние како некој кој преживеал војна, не сакаме повеќе да гледаме вакви слики. Знаеме колку тоа е болно. Убиени се многу недолжни луѓе. Поради тоа, институциите на Косово и јас лично го поддржуваме воспоставеното примирје. Се молиме за тоа, ова примирје да се почитува и веќе да нема жртви. Така луѓето со своја волја ќе може да живеат за иднината, мирот и слободата", рече Тачи.
Додаде дека од Русија се очекува да го промени својот став кон Косово.
„Јасно ми е дека Москва и Белград имаат добри односи, но тоа не треба да биде пречка за праведните и конструктивните односи помеѓу Косово и Русија. Посебно ако се земат напорите за јакнење на односите помеѓу Косово и Србија, сметаме дека Москва треба да ја почитува волјата на косовскиот народ и да донесе одлука со која ќе ја признае стварноста Косово", рече Тачи. Истакна дека „Косово не е непријател на Русија".
„Косово може да има динамичка улога на патот кон мирот и стабилноста. Промената на ставот на Русија кон Косово ќе има позитивен придонес во регионот", порача Тачи. Додаде дека дојде време односите помеѓу неговата земја и Русија да се остварат на директен начин.
„Сите предрасуди треба да исчезнат. Никогаш во историјата Косово не ѝ нанело штета на Русија. Поради тоа, Косово не заслужува ваков неправеден став и казнување", рече Тачи.
Косовскиот претседател се осврна и на борбата на неговата земја против тероризмот, кажувајќи дека Косово е дел од меѓународната коалиција за борба против тероризмот.
„Неодамна спречивме терористички напад кој терористичката организација ДЕАШ се обиде да го изведе на стадионот Елбасан во Албанија. Откривме некои државјани на Косово кои престојувале во Сирија. Можеме да кажеме дека во последните 12 месеци ниту еден државјанин на Косово не отишол во редовите на оваа терористичка организација. Сите активности од овој тип ги спречивме и од тоа нема да се откажеме", порача косовскиот претседател Хашим Тачи.