Zylfije Adem Jakupi
21 Февруари 2020•Ажурирај: 24 Февруари 2020
ПРИШТИНА (AA) – Дијалогот нема алтернатива, а на граѓаните треба да им се објаснат достигнувањата на техничкиот дијалог, истакнато е денеска на тркалезната маса во организација на Балканската истражувачка група и останатите членки за политика и заговарање на дијалогот Косово - Србија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Учесниците на тркалезната маса беа од Косово и од Србија, а во текот на дебатата е кажано дека техничкиот дијалог помеѓу Косово и Србија со посредство на Европската Унија (ЕУ), стана премногу исполитизиран и дека неговото влијание на подобар живот за граѓаните потполно е занемарен. Тоа е причината поради која граѓаните овој процес го гледаат како негативен.
Нашим Рашити од Балканската истражувачка група за политика, кој ја отвори тркалезната маса, рече дека недостигот на примената или бавната имплементација на некои договори помеѓу двете земји доведоа до неадекватен дискурс.
Газмир Раци, поранешен член на преговарачкиот тим на Косово, рече дека техничкиот дијалог е поделен во две фази - првата фаза од 2011 до 2013 година, која донела конкретни договори и акции, додека втората фаза траела досега и паднала во сенка.
„Фазата 2011 - 2013 даде конкретни резултати во секојдневниот живот и на косовските и на српските граѓани“, рече Раци, кој додаде дека во текот на оваа фаза имало некои резолуции, вклучувајќи ги оние за слободна трговија или признавање на косовските царински печати од страна на Србија.
Раци изрази надеж дека новата Влада на Косово посериозно ќе пристапи на дијалогот со Србија, напоменувајќи дека претходната власт ги избегнувала своите обврски.
Наим Бешири од Институтот за европски прашања од Србија рече дека политизацијата на дијалогот влијаела на неспроведувањето на постигнатите спогодби во Брисел помеѓу двете држави. Бешири оцени дека техничкиот дијалог го олеснил животот на граѓаните на Косово, додека во Србија ги намалил тензиите кои постојат помеѓу Белград и Приштина и етничката дистанца помеѓу Србите и Албанците.
„Она што мислам за процесот на дијалогот е дека тоа е многу бавен процес. Имаше донекаде позитивно влијание, понекогаш се започнати повеќе прашања отколку што се дадени одговори. Прашањата и одговорите исто така можат да бидат проблеми и решенија. Моментално има правен вакуум кој постои повеќе од 13 години“, рече Бешири.
Новинарот од Северна Митровица, Жељко Тврдишиќ, оцени дека дијалогот помеѓу Косово и Приштина нема алтернатива. Тој напомена дека правосудните и безбедносните институции на северот на Косово, преку технички дијалог се интегрирани во косовскиот систем, што придонело за помирно и постабилно опкружување.
Тврдишиќ оцени дека дијалогот треба да продолжи за тензиите кои се појавуваат одвреме-навреме, бидат што помали и за да се избегне помалубројната заедница да биде колатерална штета.
Техничкиот дијалог меѓу Косово и Србија започна во 2011 година во Брисел со посредство на ЕУ, и е насочен кон нормализирање на односите меѓу двете земји. До денес тој беше прекинат неколкупати.
Овој процес последен пат беше прекинат кон крајот на 2018 година, кога Владата на Косово, предводена од Рамуш Харадинај, воведе 100% такса на стоките од Србија, како резултат на, како што беше истакнато, деструктивната политика на Србија кон Косово.