Besar Ademi
01 Ноември 2016•Ажурирај: 02 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Командантот на копнените сили на САД за Европа, полковник Фредерик Бен Хоџис, кој е во официјална посета на Македонија, рече дека копнените сили што тој ги води ќе продолжат да ја поддржуваат македонската армија во обуката и во меѓународните мисии, што ќе помогне и ќе ја олесни евроатлантската перспектива на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Командантот Хоџис исто така рече дека земјата ќе ја напушти импресиониран од средбите со младите талентирани луѓе, додавајќи дека копнените сили на САД во Европа ќе ја поддржат Воената академија на Република Македонија во развојот на младите луѓе кои сакаат да станат офицери или лидери на оваа земја.
„Импресиониран сум од министерот за одбрана и од другите официјални претставници со кои се состанав, од нивната работа и определување Македонија да продолжи по својот пат кон евроатлантските интеграции. Мислам дека целосната интеграција на Македонија во НАТО ќе ја подобри безбедноста и стабилноста во Европа, а ќе се обезбеди и стабилноста на овој регион“, рече Хоџис.
Командантот Хоџис на крајот истакна дека се чувствува горд на работата на тимот и на американскиот амбасадор во Македонија, кој останува посветен да ѝ помогне на Македонија во целосната интеграција во НАТО.
Началникот на Генералштабот на АРМ, Методија Величковски истакна дека учеството на силите на АРМ во последната меѓународна мисија „Анаконда“, како и нивниот капацитет и перформанси беа оценети високо од страна на командантот Хоџис. Според него, тоа е доказ дека Македонија се движи во вистинската насока и дека еден ден ќе го заземе местото што го заслужува, еднаков партнер во НАТО.
„Ние заеднички изразивме задоволство од соработката на нашите војски и соработката ја оценивме како одлична. Сепак, оставивме простор и можност за понатамошна соработка, пред сѐ, во областа на военото образование и обука, за која очекуваме дека поддршката ќе продолжи и во иднина“, рече Величковски.
Командантот на американската армија ја започна официјалната посета со средба со министерот за одбрана Зоран Јолевски, а подоцна одржа тет-а-тет средба со началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија (АРМ), Методија Величковски, по што следеше средбата на делегациите на двете армии.
Тема на разговорите беше учеството на Македонија во меѓународните вежби и обуката во 2017 година, поддржани од страна на копнените сили на САД во Европа.