Husamedin Gina
07 Јуни 2021•Ажурирај: 08 Јуни 2021
СКОПЈЕ (АА) – Во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство по повод Светскиот ден на безбедна храна – 7 Јуни, денеска во Скопје се одржа тркалезна маса под мотото „Безбедна храна денес, за безбедно утре“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за медиумите пред почетокот на тркалезната маса, директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Николче Бабовски, истакна дека на денешниот настан ќе се упати клучната порака дека безбедноста на храната е одговорност на сите, на институциите, науката, бизнис-операторите, но и на самите потрошувачи.
Осврнувајќи се на податоците и проценките на Светската здравствена организација, директорот Николче Бабовски истакна дека повеќе од 600 милиони луѓе се разболуваат, а 420 илјади луѓе умираат од консумирање небезбедна храна контаминирана со бактерии, вируси, паразити, токсини или хемиски средства.
Наведувајќи дека унапредувањата на прашањата за безбедност на храната остануваат да бидат приоритет на Владата и во иднина, Бабовски рече дека тие се основа за ублажување на социоекономските влијанија што ги наметнува пандемијата.
„Македонските граѓани треба да бидат сигурни дека консумираат безбедна храна, иако секогаш за жал се можни и постојат и одредени пропусти“, рече Бабовски.
Како одговорна институција, како што посочи директорот Бабовски, во 2020 година инспекторите за храна спровеле вкупно 54.382 контроли, а како небезбедна инспекторите и операторите уништиле приближно 238 тони храна.
Марија Лончар, претседателката на Организацијата за заштита на потрошувачите, истакна дека граѓаните најмногу се жалеле на производите што не се чуваат соодветно на одредени места, на несоодветни декларации на производите и на рокот за употреба на производите.
„Има потрошувачи коишто се јавуваа, коишто нашле некое стакло или не знам што во производот. Ние сметаме дека такви работи не треба да се кажуваат на Фејсбук. Таквите работи, ако најдете нешто, треба да се пријават во Агенцијата за храна и ветеринарство“, рече Лончар.
Глобалната кампања за одбележување на 7 Јуни - Светскиот ден на безбедна храна, за прв пат беше востановена од Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации – ФАО во 2019 година.
Целта на иницијативата е подигнување на јавната свест за безбедноста на храната и информирање на јавноста за важноста од превенирање и управување со ризиците поврзани со неа, унапредување на здравјето на граѓаните, економскиот просперитет, развојот на земјоделството и пазарите.