Abdula Berisha
22 Ноември 2020•Ажурирај: 23 Ноември 2020
СКОПЈЕ
Академик Али Алиу од Северна Македонија и професор Џeват Лоши од Албанија се годинешни добитници на државната награда „22 Ноември“ во Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Церемонијата за доделување на наградите се одржа со почитување на мерките против новиот вид коронавирус (Ковид-19) во Собранието на Северна Македонија, а на неа присуствуваа претседателот на Собранието, Талат Џафери, владина делегација предводена од првиот вицепремиер на Северна Македонија, Артан Груби, како и претставници на политички партии, академици и научници.
Државната награда „22 Ноември“ се доделува по повод Денот на албанската азбука, а од Одборот за доделување на наградата потенцираа дека наградата се доделува како признание за луѓето од политичкиот, културниот и социјалниот живот, кои придонеле за унапредување на соживотот меѓу различните култури во Северна Македонија.
Пред доделувањето на наградите, претседателката на Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември“, професор Гзиме Старова, рече дека јазикот и писмото не се само најсилните алатки за зачувување и негување на единството на една нација, туку се и важни фактори во мултикултурната реалност на земјата.
„Ние денес со право нагласуваме дека ја гледаме етничката и јазичната разновидност во нашето општество како заедничко богатство, вредност што ја прифативме како наша реалност на патот кон интеграцијата во Европската Унија“, рече Старова.
Академик Али Алиу во својот говор рече дека со оваа награда тој е поврзан и со сеќавањата на деновите од основното училиште, што го завршил во градот Битола и зградата во која беше одржан Битолскиот конгрес.
„За сето ова, голема благодарност до советот што сметаше дека ја заслужуваме оваа чест, Џeват Лоши и јас, и за вашето присуство што го потврдува ова“, рече Алиу.
Професорот Џеват Лоши истакна дека иако наградата е поврзана со албанската историја и култура, таа има место во историјата на Северна Македонија и ја збогатува.
„Би сакал да истакнам дека секое дете во Албанија од самиот почеток го учи овој голем настан. Но, од друга страна, овој настан се случи на територијата на Северна Македонија. Мислам дека наградата што се доделува сега покажува нов дух во односите меѓу народите“, рече Лоши.
Потсетуваме, Денот на албанската азбука или Битолскиот конгрес го одбележува состанокот на десетици албански научници, одржан од 14 до 22 ноември 1908 година во Битола, со цел создавање на албанската азбука. На овој Конгрес, делегатите од Албанија и од албанските здруженија и клубови од целиот свет ја донесоа одлуката за прифаќање на латиницата, со одредени промени.
За албанскиот народ, Битолскиот конгрес беше најважниот настан во почетокот на 20 век, заедно со прогласувањето на независноста на Албанија на 28 ноември 1912 година. Со ова, 22 ноември останува ден за помнење за албанскиот народ, познат како Денот на азбуката.