Admir Fazlagic
04 Април 2017•Ажурирај: 04 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Амбасадорот на Република Албанија во Република Македонија е повикан на средба во Министерството за надворешни работи на РМ (МНР), пренесува Anadolu Agency (AA).
„По повод зачестените навредливи изјави и коментари од официјални лица на Република Албанија, насочени кон Република Македонија и нејзините граѓани, вчера во Министерството за надворешни работи на Република Македонија беше повикан на разговор Амбасадорот на Република Албанија во Република Македонија", соопшти Министерството за надворешни работи на Република Македонија.
Според соопштението, на средбата било потенцирано дека „изјавите на Претседателот на Владата и Министерот за надворешни работи на Република Албанија за двонационалност и менување на уставното уредување на Република Македонија се отворено мешање во внатрешните работи на Република Македонија".
„Eтикетирањето на Македонците како „Славомакедонци“ е навредливо и дискриминаторски кон Македонците и сите граѓани на Република Македонија", пишува во соопштението.
Како што информираат од МНР, на средбата е упатен апел да се почитува сувереноста и да се работи на планот на добрососедството.
„Беше истакнато дека ваквите пораки се сериозна провокација за добрососедството кое сакаме да го негуваме. Тие прават долгорочна штета на односите во регионот и потткнуваат екстремистичка реторика. Она што ни треба во Регионот, е обединување околу интеграцијата во ЕУ, мир и економски напредок. Затоа, апелиравме да се прекине со провокациите, да се почитува сувереноста и да се работи на планот на добрососедството, за доброто на сите во Регионот", се наведува во соопштението на МНР.