Mara Dragovic
29 Април 2017•Ажурирај: 30 Април 2017
БЕЛГРАД (АА) - Премиерот на Србија Александар Вучиќ во разговорот со амбасадорот на Турција во Белград, Танжу Билгич му упатил покана на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да ја посети Србија, јавува Anadolu Agency (АА).
Премиерот Вучиќ им се заблагодарил на турските компании кои делуваат во Србија и ја изразил желбата, односите меѓу двете земји и понатака да бидат во подем, а особено ја дал својата поддршка на активностите и проектите на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), соопштија од Владата на Србија по состанокот.
„Сакаме да привлечеме уште поголем број турски инвеститори и да организираме состаноци со бизнисмените од Турција, со цел да изградиме доверба кон оние кои водат бизнис во нашата земја, како и зголемување на обемот на соработката на полето на земјоделието”, рекол Вучиќ.
Амбасадорот Билгич за Anadolu Agency изјава дека состанокот поминал во пријателска атмосфера и ја потврди поканата која Вучиќ ја упати до претседателот Ердоган. Според неговите зборови, тема на разговорите биле и регионалниот развој и економската соработка меѓу двете земји.
„Вучиќ изрази задоволство поради турските инвестиции и истакна колку тоа е важно за српската економија. Исто така, му претставив во кои градови во Србија турските бизнисмени сакаат да инвестираат”, рече Билгич и додаде дека Вучиќ му го пренел интересот и за другите турски компании, не само од областа на текстилот.
Амбасадорот Билгич на Вучиќ му ја пренел честитката на Турција по повод победата на претседателските избори и му се заблагодарил на честитките по повод референдумот во Турција.