Bojana Stojanovic
09 Јули 2020•Ажурирај: 09 Јули 2020
БЕЛГРАД
Претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека се донесени нови мерки за Белград, а тоа се забрана за собир на повеќе од 10 лица во затворен и отворен простор, ограничување на бројот на луѓе во затворени простори и ограничување на работното време на објектите во затворени простори од 21:00 часот до 6:00 часот изутрина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Таа, по седницата на Кризниот штаб, изјави дека првата мерка е забрана за јавен собир на повеќе од 10 лица во затворен и отворен простор.
Што се однесува на другите мерки, тоа е ограничување на бројот на луѓе во затворени простори. Секој објект ќе мора јасно да истакне на колку луѓе ќе им биде дозволено да бидат во објектот. На едно лице, четири метри квадратни.
Третата мерка е ограничување на работното време на објектите во затворен простор од 21:00 часот до 6:00 часот изутрина. За отворените простори и градини ограничувањето останува од 23:00 часот до 6:00 часот изутрина.
Според зборовите на премиерката, на сите останати локални самоуправи каде што ситуацијата е комплексна, Кризниот штаб им дал јасни препораки, во кои случаи се прогласува вонредна состојба и во согласност со тоа ќе се реагира.
Таа додаде дека она што се случувало претходните два дена во Белград ќе го платат скапо.
Меѓу мерките не е полицискиот час, кој првично беше најавен од петок до понеделник, а поради што граѓаните протестираа претходните две вечери пред Собранието на Србија.