Medin Haliloviç
21 Јули 2018•Ажурирај: 23 Јули 2018
НОВИ ПАЗАР (АА) - Властите во Белград, на министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, не му одобрија да престојува денес во Нови Пазар во тоа својство, да учествува на свечената седница на Бошњачкиот национален совет (BNV) и да зборува на трибината, потврдија за АА од Бошњачкиот национален совет, јавува Anadolu Agency (AA)
Како што е наведено од Бошњачкиот национален совет, на таа одлука од Канцеларијата на офицерот за врски на Косово во Белград, ќе биде вложена жалба.
Српските медиуми претходно пренесоа дека Белград пратил негативен одговор на барањето во врска со Пацоли, бидејќи по привремените уставни рамки на Привремената административна мисија на ОН на Косово (UNMIK), Косово нема министерство за надворешни работи, а со самото тоа е заземен став, Договорот за посетите на официјалните претставници да не може да се примени во случајот на Пацоли.
Бошњачкиот национален совет упати повик до министерот за надворешни работи на Косово, денес да присуствува на свечената седница на Советот во Нови Пазар, и да се обрати вечерва на трибината „Процес за воспоставување регионална стабилност и соработка на Балканот“.
На овој собир е предвидено, покрај Пацоли, да зборуваат и претседателот на Бошњачкиот национален совет, Сулејман Угљанин, и универзитетскиот професор Неџмедин Спахиу.
„Претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ, која моментално е во посета на САД, ги предупреди утринава челниците на Бошњачкиот национален совет да ги почитуваат законите на својата држава, а пред сè, Законот за националните совети на националните малцинства, кој им забранува на членовите на Советот да се занимаваат со политика“, се соопштува од Канцеларијата за соработка со медиумите на Владата на Србија.
„Националните совети ги претставуваат сите припадници на едно национално малцинство, а не поединечни политички партии или интереси во чие име не можe да настапуваат. Повикувањето на директорот на училиштето во Нови Пазар, како што некој во име на Бошњачкиот национален совет го направи тоа, на некој настан кој се нарекува „Свечена седница на Бошњачкиот национален совет“, а по повод доаѓање на лице, кое себеси се нарекува „министер за надворешни работи“ на нашата Автономна Покраина Косово, претставува јасно и флагрантно кршење на Законот на Република Србија и злоупотреба на функцијата и мандатот на националните совети на националните малцинства“, наведе во својата реакција, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.
Таа истакна дека како претседателка на Владата на Србија и како претседателка на Републичкиот совет за национални малцинства, ги предупредува челниците на Бошњачкиот национален совет, како што стои во реакцијата, да не го злоупотребуваат Националниот совет на бошњачките национални малцинства.
Од друга страна, Министерството за надворешни работи на Косово изрази жалење и огорченост за одлуката на властите на Белград.
Во соопштението на министерство се наведува дека Република Косово секогаш дејствувала во согласност со Бриселскиот договор околу официјалните посети на високите претставници и ги почитувала бараните процедури.
Според косовското МНР, овој случај повторно покажува дека Белград не е посветен на тоа да го почитува Бриселскиот договор, и предизвикува непотребни тензии за спречување на посетите на високите власти на Косово на територијата на Србија.
„Денес ние живееме во еден век кога слободното движење на луѓето е основно човеково право, и секоја држава и Влада треба да го почитуваат тоа. Косово со голема посветеност ги почитувало овие права, и секогаш ќе ги почитува, сè додека не се злоупотребува тоа, како во повеќе случаи со гостите од северниот сосед“, се вели во ова соопштение.
„Би било разумно Косово да го задржи правото за реципрочни мерки против властите во Белград, според Бриселскиот договор, но ние сме посветени на основните права за слободно движење на луѓето сè додека тие не станат злонамерни. Да се потсетиме на фактот дека посетата на жителите на Косово кај нивните сограѓани во Прешево, Бујановац и Медвеѓа, треба да се ставаат во реципрочност со посетите на Србите кај нивните сограѓани во Косово“, се нагласува во соопштението на косовското МНР.
Пацоли побарал дозвола за посета по поканата на претседателот на Бошњачкиот национален совет, Сулејман Угљанин, кој го поканил Пацоли на дводневна посета на Бошњаците во Србија.