САРАЕВО (АА) - Членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ, одбија средба со министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров и ги наведоа причините за тоа, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференцијата одржана по тој повод, Комшиќ истакна дека со своите постапки рускиот министер покажал непочитување на државата домаќин и нејзините институции и додаде дека Лавров е меѓу тројцата најдобри дипломати во светот, кој има големо искуство, знаење и крајна сила, чии потези и акции се планираат до крај и секој настап испраќа порака.
„Она што имавме можност да го видиме откако Лавров дојде во Босна и Херцеговина, според мене, се пораки, не негови лични, туку на земјата што ја претставува. Недостасувањето на државното знаме на состанокот со Милорад Додик не е протоколарна грешка. Повторувам, станува збор за цел апарат кој стои зад него и кој е совршено информиран за сè во БиХ. Тоа го доживуваме како еден вид понижување па дури и негирање на институциите на државата БиХ“, изјави Комшиќ.
Тој додаде дека изјавата на Лавров со која ја поздравува резолуцијата на Народното собрание на Република Српска (NSRS) за т.н. воена неутралност, исто така, кажува дека рускиот министер е совршено информиран и искусен.
„Тој го избегнува фактот дека таква одлука можат да донесат само државните органи и дека Босна и Херцеговина донесе одлука за иднината на европските и атлантскаи интеграции. Додик, исто така, учествуваше во донесувањето на тие одлуки. Лавров знае дека таквата одлука не може да ја донесе Народното собрание на Република Српска, дека таквата одлука ја носи само Претседателството и Парламентот на Босна и Херцеговина“, рече Комшиќ.
Тој рече дека низ овие два примери Лавров покажал непочитување на институциите и уставниот систем, и државата БиХ.
Членот на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, пак, од своја страна изјави дека со одбивањето на средбата со Лавров се стремат да го задржат достоинството и гордоста на татковината БиХ.
„Ние не сме големи и важни како Русија, но БиХ има свое место во светот. Имаме своја гордост и сакаме да кажеме што мислиме во одреден момент“, изјави Џаферовиќ.
Тој истакна дека Лавров, но и Руската Федерација, искажале во повеќе наврати дека го почитуваат Дејтонскиот мировен договор, суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ.
„Но, изјавите на Лавров, како и изјавите што се повторуваат подолго време преку ставовите изразени од амбасадорот на Руската Федерација во БиХ, говорат поинаку. Да се почитува Дејтонскиот мировен договор значи почитување на сите негови анекси. И првото нешто што е наведено е државата БиХ и грбот и институциите. Тоа мора да се почитува. Тоа не беше почитувано вчера“, рече Џаферовиќ, осврнувајќи се на вчерашниот престој на Сергеј Лавров во Источно Сараево.
Тој потсети дека властите на БиХ уште во 2005 година се одлучија за патот кон НАТО, во 2009 година беше донесена одлуката за поднесување на барање за Акциониот план за членство во НАТО, а минатата година е поднесена и Програмата за реформи.
„Сето ова беше оспорено вчера. Бидејќи кажано е дека се почитува Резолуцијата на Народното собрание на Република Српска.. Нашите внатрешни цели се почитување на Дејтонскиот мировен договор, градење на мултиетничка држава БиХ, економските и целокупните државни реформи, почитување на правата на сите народи на целата територија на БиХ. Целите на надворешната политика се членството во ЕУ и во НАТО сојузот. Ова се дефинирани одлуки со учество на сите народи. Одлуките не можат да се менуваат. Вчера тоа на свој начин беше доведено во прашање“, рече Џаферовиќ.
Тој наведе дека заедно со Комшиќ, по разгледувањето што да преземат како одговор на вчерашните случувања за време на посетата на Лавров, се одлучиле на овој потег.
„Идејата беше да одиме и да кажеме сè или да не одиме. Проценивме дека е ова е посилна порака за Руската Федерација, за домашната јавност и целиот свет. Тоа е и порака до партнерите ЕУ и НАТО дека ние сме горди и одлучни луѓе. Кога еднаш ќе донесеме одлука тогаш сите мораме да се придржуваме до истата. Русија треба да го почитува тоа што го имаме донесено како одлука“, заклучи Џаферовиќ.
news_share_descriptionsubscription_contact
