Alma Dekovic
05 Февруари 2023•Ажурирај: 08 Февруари 2023
САРАЕВО (АА) - По повод одбележувањето на 5 Февруари, Денот на сеќавањето на сите загинати и ранети граѓани на Сараево во агресијата во периодот 1992-1995 година, и 29-годишнината од страдањето на граѓаните на Сараево на пазарот Маркале, денеска во Народниот театар во главниот град на Босна и Херцеговина се одржа комеморативна седница на Собранието на кантонот Сараево и Градскиот совет на Сараево и општинските совети на подрачјето на кантонот Сараево, јавува Анадолу.
Драган Стевановиќ, заменик-претседател на Градскиот совет на Сараево, пред комеморацијата рече дека жртвите никогаш не смее да се заборават.
„Ако заборавите само една жртва која невино настрадала, ја заборавате човечноста и хуманоста. Јас стојам до тоа. Денеска сме тука да им оддадеме почит на сите луѓе кои се борат против злото наречено омраза, фашизам, ксенофобија и сè друго. Сите овие невини луѓе загинаа само затоа што сакаа во мир да живеат нормален, обичен човечки живот“, рече Стевановиќ.
Рече дека Босна и Херцеговина во последните три децении се наоѓа во турбулентен период каде што „оние кои треба да бидат поразени во фашистичкото лудило што се случи во Босна и Херцеговина на одреден начин се фактор кој ја крои судбината на Босна и Херцеговина“.
„Само кога ќе ги тргнеме нив од политичката сцена, можеме да ги ставиме сите наши разлики на маса и за нив сериозно да разговараме“, порача Стевановиќ.
Денес, 5 февруари, се навршуваат 29 години од ужасниот масакр на пазарот Маркале во кој загинаа 68 невини граѓани, а 142 беа ранети. Загинаа од минофрлачки проектил истрелан од позициите на агресорот.
Пазарот Маркале во стариот дел на Сараево беше гранатиран двапати за време на опсадата на градот. По февруари 1994 година, во масакрот на самиот крај на војната, на 28 август 1995 година, кај Градскиот пазар Маркале загинаа 43 цивили, а 84 беа повредени.
„Пазарот Маркале беше симбол за опстанок во опколениот град. Граѓаните доаѓаа тука да купат нешто за да преживеат уште еден ден во опколениот град без струја, вода, гас, храна... Доаѓаа за да видат некој сосед, роднина..., да се информираат за своите сограѓани, за фамилијата. Доаѓаа да го разменат она што го имаат за она што го немаат, а им беше потребно. Доаѓаа оние кои имаа среќа да имаат некоја марка што ја добиле од странство, да купат нешто храна за да преживеат во градот кој беше под опсада 1.425 дена“, изјави Сенида Каровиќ, претседателка на Унијата на цивилни жртви на војната.
Како што рече, денешниот ден особено „боли“ бидејќи правдата не е задоволена.
Таа додаде дека нивна морална обврска е да ја негуваат културата на сеќавањето, да ѝ го пренесат на следната генерација она што се случувало во периодот на опсадата на Сараево и да бараат правда, колку таа и да изгледа далеку.
Во 2007 година, Собранието на кантонот Сараево донесе одлука 5 февруари да се прогласи за Ден на сеќавање на сите загинати граѓани во периодот 1992-1995 година.
Опсадата на Сараево започна на 5 април 1992 година, а заврши на 29 февруари 1996 година. Траеше 1.425 дена. За тоа време, околу 350.000 жители беа секојдневно изложени на оган од припадниците на поранешната ЈНА и паравоените формации, а подоцна и од припадниците на тогашната Војска на Република Српска, од речиси сите видови оружје, од позициите лоцирани на околните ридови. Не успеаја да се спуштат и да го заземат градот само благодарение на огромната волја, желба и напорите на бранителите, мнозинството граѓани кои се одзваа на повикот за одбрана, кои на почетокот скоро голораки, во патики и фармерки, минимално вооружени, застанаа како бедем на градот.
За време на опсадата загинаа 11.541 граѓанин на Сараево, од кои 1.601 дете, а над 50.000 цивили беа полесно или потешко повредени. Се проценува дека за време на опсадата врз градот се истрелани околу 500.000 проектили, а на 22 јули 1993 година биле истрелани рекордни 3.777 проектили кон градот. Врз градот просечно во текот на денот паѓале 329 гранати.
Радован Караџиќ, поранешниот претседател на Република Српска, пред Механизмот за меѓународни кривични судови беше правосилно осуден во март 2019 година на доживотен затвор, меѓу другото, и за тероризирање и гранатирање на граѓаните на Сараево, што е и една од точките за која Ратко Младиќ, командантот на Главниот штаб на Војската на Република Српска, е осуден на доживотен затвор во јуни минатата година.
За убиството на 68 граѓани на Сараево и ранувањето на 142 од нив осуден е и командантот на Сараевско-романскиот корпус, Станислав Галиќ. Во 2009 година, Хашкиот трибунал го осуди и Драгомир Милошевиќ на 29 години затвор за терор над цивилите на Сараево.