Zylfije Adem Jakupi
08 Октомври 2020•Ажурирај: 09 Октомври 2020
ПРИШТИНА (АА) - Комесарот за соседство и проширување на Европската Унија, Оливер Вархеј, во Приштина изјави дека од Владата на Косово бара забрзување на реформите, по кои ќе следуваат планираните економски инвестиции за целиот регион на Западен Балкан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Комесарот Вархеј посетата на Косово ја започна со состанок со премиерот на Косово, Авдулах Хоти и со неговите соработници. По тој состанок Вархеј на заедничката прес-конференција со Хоти истакна дека носи добри вести за економијата на регионот, која за четири до пет години може да расте за 3 до 5 отсто и тоа може да биде значителна помош за обнова на економијата на регионот по кризата предизвикана со пандемијата на Ковид-19.
„Планот за економски инвестиции може значително да го промени пејзажот на овој регион за четири до пет години. „Како што истакна премиерот, ние доделуваме грантови од 9 милијарди евра и во координација со меѓународните финансиски институции, како наши партнери, ќе создадеме уште 20 милијарди за регионот, и тоа е една третина од БДП на овој регион“, рече Вархеј.
Европскиот комесар истакна дека со лидерите се разговара за приоритетни проекти, кои ќе создадат нови работни места, а за реализација е потребна соработка на сите во регионот. Тој рече дека и ЕУ има свои барања и тие се однесуваат на забрзување на реформите, кои одат заедно со инвестициите.
„Знам дека вашата Влада е многу ангажирана, но таа треба да се посвети да работи на забрзување на реформите во врска со законот и потребни ни се сите неопходни капацитети што ќе бидат функционални за користење и искористување на овие фондови. Тоа е голем предизвик за Брисел и ние ќе ви помогнеме и ќе работиме заедно“, рече комесарот.
Верхај истакна дека Косово ги исполнило сите услови за визна либерализација и дека се обидува да ги убеди земјите членки на ЕУ да дозволат укинување на визите. Сепак, како што рече, мора да се работи на терен секој ден за да нема барања за азил и да нема организиран криминал.
Премиерот Хоти рече дека економскиот план за Западен Балкан е одлична вест и дека во него се вклучени сите косовски проекти.
„Со големо задоволство велам дека проектите што ние како Влада ги предложивме да бидат дел од овој инвестициски план за Западен Балкан се целосно вклучени, како што се автопатите и пругите Приштина - Мердаре, проектот Ибар - Лепенац (втора фаза), гасоводот што го поврзува Косово со Северна Македонија, список на проекти поврзани со управување со отпадните води во Приштина и други“, рече Хоти.
Премиерот, исто така, се заблагодари на ЕУ за уплатените 50 милиони евра помош во тешкото време за косовската економија поради пандемијата на Ковид-19. Тој исто така рече дека Владата работи на борбата против корупцијата и организираниот криминал, спроведувањето на европските реформи и дека е постигнат напредок во дијалогот со Србија во Брисел.
По средбата со премиерот Хоти, комесарот Вархеј се состана и со претседателот на Собранието, Вјос Османи, и им се обрати на членовите на Собранието на Косово. Канцеларијата на ЕУ во Косово објави дека Вархеј ќе се состане и со опозициските лидери.
Посетата на комесарот Вархеј доаѓа откако Европската комисија во вторникот (6 октомври) објави редовен годишен извештај за напредокот на земјите од Западен Балкан во преговорите со ЕУ. Освен Косово, комесарот ќе ги посети и Белград, Подгорица и Сараево, а вчера веќе беше во Скопје и Тирана.