Ekipa
08 Август 2019•Ажурирај: 10 Август 2019
СКОПЈЕ (АА) - Непосредно пред празникот Курбан бајрам, муслиманските верници од земјите од регионот ги започнаа подготовките за дочек на празникот, колењето на курбаните во согласност со исламските правила, пишува Anadolu Agency (AA).
Колењето на курбаните и делењето на месото се реализира приватно или од страна на верските институции и разните организации во и надвор од земјата, додека месото им се дели на сиромашните, соседите и семејството.
Цените на курбаните во верските институции во Северна Македонија, Албанија и Косово се речиси исти со пазарните. Тиа се движат од 110 до 140 евра за овца.
Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија традиционално организира собирање и колење на курбани и го дели курбанското месо. Цената веќе неколку години по ред е 120 евра. Во меѓувреме, низ пазарите за добиток цените се движат од 110 до 140 евра.
И Исламската заедница на Косово исто така ја објави цената за курбан за граѓаните кои немаат можност приватно, во своите домови да колат курбан. Тие треба да одвојат 120 евра на верската институција, која го организира колењето и делењето на месото на економско загрозените семејства, сираците и лицата со попреченост.
Во Албанија цената за еден курбан изнесува 130 евра, додека минатата година таа изнесуваше 140 евра.
И оваа година, институциите и разни организации, вклучувајќи ги и тие од Турција, ќе делат месо од курбаните за загрозените семејства. Турската фондација за верски прашања (ТДВ), Фондацијата за човекови права и слободи (ИХХ) и Црвената полумесечина од Турција ќе делат курбани за загрозените семејства во различни градови во Северна Македонија, Албанија, Косово, но и пошироко.
Празнувањето на Курбан бајрам започнува со бајрамската молитва во раните утрински часови во џамија, продолжува со колењето на курбаните за тие што имаат можност и со посета на блиските, роднините, комшиите и пријателите.
- Што претставува Курбанот?
Карактеристично за празникот Курбан бајрам е принесувањето жртва – курбан, кој има симболика на приближување кон Бога. Обичајот го изведуваат сите што имаат можност за тоа. Оние што принеле жртва, потоа од месото раздаваат на сиромашните, соседите и на роднините. На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите кои отишле да ја извршат петтата верска обврска (должност) на секој муслиман – аџилакот.
Колењето на курбаните треба да се изврши на начин на кој животните треба да се третираат добро, да не се измачуваат и да се зачува чистотата на околината.
Оваа година, Курбан бајрам се слави в недела, на 11 август.