Zylfije Adem Jakupi
24 Јуни 2020•Ажурирај: 25 Јуни 2020
ПРИШТИНА (АА) - Поранешниот претседател на Собранието на Косово и лидер на Демократската партија на Косово, Кадри Весели, го оцени обвинението на Специјалното обвинителство, пред потврдата на судијата, како политички мотивирано, јавува Агенција Анадолија (AA).
Весели на прес-конференцијата изјави дека објавувањето на обвинението за воени злосторства против него и против косовскиот претседател Тачи пред Судот истото да го потврди или отфрли е без преседан. Тој рече дека не е точно тврдењето на обвинителот дека тој и претседателот Тачи се обиделе да ја опструираат работата на Специјализираните комори.
„Покренатите сомненија се целосно невистинити и не постојат. Исто така, нема основи за наводите за опструкција на работата на Судот. А таквиот јазик на обраќање со невистини е длабоко загрижувачки. Друга загриженост е втемеленото сомнение дека вистинските мотиви на овој обвинител се целосно политички. Со оглед на времето и околностите, неколку дена пред состанокот во Белата куќа, со право се покренаа сомневањата дека станува збор за случајност“, рече Весели.
Според него, ниеден обвинител не смее да дозволи неговите одлуки да бидат водени од политички мотиви, и дека со овој пристап, обвинителот предупредил на патот кој ќе следи.
„Тој најавува на народот на Косово дека овој процес не може да биде веродостоен за делење на непристрасна правда и без влијание на политичките околности. Тој се обидува да ги прикрие вистинските мотиви, кои изгледаат како политички, со контрадикторни изјави. Сакам да ги уверам сите граѓани дека нема да дозволам овој обвинител, и кој било друг како него, на овој начин да ја омаловажува Ослободителната војска на Косово. Ние бевме принудени да се браниме себеси и нашата земја“, рече Весели.
Истакна дека е горд што бил дел од ослободителната борба на народот на Косово, и дека целосно негира каква било вмешаност во кое било злосторство.
Тој исто така рече дека Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во пет одвоени судења ги процесуирал случувањата на Косово, а на кајот од тие судења шестмина српски лидери се прогласени за виновни и осудени за воени злосторства и злосторства против човештвото врз албанското цивилно население, додека сите високи челници на ОВК се ослободени.
Инаку, претседателот на Косово, Хашим Тачи, по соопштувањето на Канцеларијата на специјалниот обвинител за покренување на обвинението, го прекина патувањето во Вашингтон, каде што требаше в сабота да учествува на состанокот на делегациите на Косово и Србија.
Специјалното обвинителство до Специјализираните совети на Косово поднесе на испитување обвинение со десет точки во кои Хашим Тачи, Кадри Весели и други лица се товарат за низа злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително и убиства, присилно исчезнување на лица, прогон и тортура. Во обвинението се наведува дека Хашим Тачи, Кадри Весели и другите осомничени сносат кривична одговорност за речиси 100 убиства.
Специјализираните комори на Косово со седиште во Хаг имаат рок од шест месеци за да донесат одлука за потврдување на ова обвинение.