Admir Fazlagic
18 Март 2020•Ажурирај: 18 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Северна Македонија Оливер Спасовски на прес-конференција по одржаната владина седница изјави дека Владата одлучила да предложи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел борбата против ширењето на коронавирусот (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ова е вонредна ситуација и затоа е потребна и вонредна состојба. Владата на Република Северна Македонија веќе нема ниту најмала дилема. Затоа, на денешната седница донесовме одлука да предложиме вовдување вонредна состојба на територијата на целата наша држава. Сега и веднаш. Мерките што досега се носеа ги дадоа очекуваните резултати, но тие мерки сега е неопходно да се надполнат, да се заострат, да ги радикализираме со воведување вонредна состојба за да спречиме колку што е можно уште поголем пик на коронавирусот и тоа во кратко време", рече Спасовски.
Тој изјави дека заканата од масовно ширње на вирусот бара радикални мерки.
„Затоа денеска владата одржа седница и донесе одлука да му предложи на Собранието на Република Северна Македонија да прогласи вонредна состојба. Упатуваме апел да се свика да ја донесе оваа одлука. Собранието е распуштено но постои уставна одредба дека претседателот на Република Северна има овластување да прогласи вонредна состоба од траење од 30 дена. Уставна и правна основа постои само треба силна волја, висока одговорност на сите политички субјекти да ја прифатат оваа реланост и да овозможат и институционална рамка на функционална вонредна состојба", истакна Спасовски.
„Ова ќе биде за прв пат да се воведе ваква мерка во историјата на нашата држава и оваа мерка е една најтешките одлуки коишто ги донела било која влада од постоењето од 90-та година до денеска", додаде Спасовски и упати апел до граѓаните:
„Почитувани граѓани, ништо веќе не е исто, животот радикално се промени како кај нас така и во целиот свет. Потребно е секој од нас да се прилагоди на вонредноста и да преземе крајно одговорно однесување. Секој еден граѓанин и секој еден субјект е повикан во оваа битка. Ако сакаме да си ја заштитиме нацијата сите мораме да се однесуваме и вонредно и одговорно."
Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека денешната бројка на заболени со коронавирус во земјата е 35.