Fatjon Cuka
05 Февруари 2025•Ажурирај: 06 Февруари 2025
ТИРАНА (АА) - Во главниот град на Албанија се одржа самитот на градоначалниците „Пакт за слободни градови“ (Pact of Free Cities), со учество на градоначалници од различни градови низ светот, јавува Анадолу.
Самитот, организиран под покровителство на Општина Тирана, има цел „да ја зајакне соработката меѓу градовите, да ги сподели најдобрите практики и да обезбеди директно финансирање од Европската Унија за урбан развој“.
Претседателката на албанското Собрание, Елиса Спиропали, во својот воведен говор на самитот изјави дека институцијата со која таа раководи ѝ дала поддршка на урбанизацијата на градовите со усвојување на современото законодавство.
„Градовите се најактивни учесници во обликувањето на демократските општества, негувајќи ги вредностите, поддржувајќи ги институциите, приспособувајќи ги демократските практики, па дури и создавајќи нови, според потребите на урбаните заедници што, без сомнение, се најнапредни од нашите општества“, рече таа.
Спиропали истакна дека градовите ја обновуваат демократијата, според визијата, начинот на живот и потребите на своите граѓани.
Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, во својот говор изрази очекување дека на овој самит ќе се создадат нови мостови на соработка меѓу градовите.
„Сѐ е возможно ако секој од нас сериозно ја сфати посветеноста да бидеме трансформативни, иновативни и со отворен пристап за нашите граѓани, но и отворени за другите, кои доаѓаат како последица од тешкотиите што може да ги носат војните, климатските промени или големите економски предизвици“, рече Велиај.
За време на самитот беа организирани неколку панели за дискусија, на кои градоначалниците што учествуваа се осврнаа на различни теми, како што се безбедноста на градовите во време на криза, одржливоста на градовите и миграцијата. На самитот, преку видеоврска, учествуваше и градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Според Општина Тирана, „Пактот за слободни градови“ е глобална мрежа на градови чија мисија е заштита на демократијата, слободата и прогресивните вредности.
Во оваа мрежа се вклучени градови и метрополи како Атина, Амстердам, Барселона, Будимпешта, Берлин, Брисел, Франкфурт, Киев, Лондон, Лос Анџелес, Милано, Минхен, Париз и други.