ПРИШТИНА (АА) - Челниците на косовските институции денеска ја потпишаа апликацијата за членство на Косово во Европската Унија. На свеченоста што се одржа во Претседателството на Косово, апликацијата ја потпишаа претседателката Вјоса Османи, претседателот на Собранието, Глаук Коњуфца и премиерот Албин Курти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Османи оцени дека потпишувањето на барањето за членство во Европската Унија е историски ден за Косово. Таа рече и дека во пресрет на 15-годишнината од прогласувањето на независноста, овој чин е посветен на сите граѓани на Косово, посветени Европејци, заштитници и промотори на европските вредности. Таа, исто така, рече дека овој момент е посветен на секое дете, жена и маж од Косово кои ги жртвувале своите животи штитејќи ги идеалите за слобода, независност и демократија.
„Косово, слободна пазарна економија и нескршлив придонесувач за мирот и безбедноста, заслужува да биде дел од семејството на Европската Унија. Нашиот пат напред е јасен, процесот на влез во ЕУ не е единствен процес и процесот во целина може да биде долгорочен, но ние сме решени да успееме“, нагласи Османи.
Премиерот Курти истакна дека општествениот и политичкиот консензус во Косово е дека иднината на земјата е во рамките на Европската Унија. Тој рече дека Косово денеска го прави првиот чекор кон членство во најголемата организација за мир и просперитет во Европа.
Тој рече дека барањето за членство во Европската Унија, кое беше потпишано денеска, ќе биде доставено до чешкото претседателство со Советот на Европската Унија во Прага.
„Ова е историски момент за нашата земја кој има за цел да отвори ново поглавје за земјата и нашето општество. Напредокот ќе зависи од нашата посветеност со длабоки и трансформативни реформи кои ја унапредуваат демократијата, го зајакнуваат владеењето на правото и ја развиваат нашата економија“, рече Курти.
Тој истакна дека брзината на напредокот ќе зависи од Косово и дека затоа е неопходна вклученост и посветеност на сите.
Претседателот на Собранието, Глаук Коњуфца, изјави дека ЕУ ќе биде целосна само кога сите европски народи ќе бидат дел од неа. Тој ги повика институциите и претставниците на ЕУ едногласно да го одобрат ова барање.
„Го повикуваме Европскиот парламент, Европскиот совет, Европската комисија и земјите членки на ЕУ да ја покажат својата посветеност и поддршка на Косово, но и на сите земји од Западен Балкан со едногласно одобрување на барањето за членство на Косово“, нагласи Коњуфца.
По поднесувањето на барањето за членство во ЕУ, Косово мора да помине низ три главни фази: добивање кандидатски статус, пристапни преговори и ратификација на договорот.
Косово е единствената земја од Западен Балкан која сѐ уште нема поднесено барање за членство во Европската Унија. Договорот за стабилизација и придружување е единствениот договорен однос меѓу ЕУ и Косово досега, а стапи на сила на 1 април 2016 година. Од 27-те земји членки на ЕУ, Косово не го имаат признаено пет држави: Грција, Шпанија, Кипар, Романија и Словачка.