Husamedin Gina
10 Јуни 2019•Ажурирај: 11 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) – Меѓународниот балкански универзитет денеска организираше Свечена церемонија по повод дипломирањето на студентите од академската 2018/2019 година, јавува Anadolu Agency (AA).
На церемонијата беа доделени дипломи на вкупно 250 студенти-дипломци на додипломските и постдипломските (мастер) студии на седум факултети и 15 студиски програми.
На церемонијата присуствуваа премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, кој ја врачи дипломата на првенецот на генерацијата Нефисе Шабан, потоа министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции во Владата на Северна Македонија, Елвин Хасан, амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, амбасадорот на Албанија во Скопје, Фатос Река, амбасадорот на Словенија во Скопје, Милан Јазбец, претседателот на управниот одбор на Универзитетот, Ајдован Адемоски, ректорот на Меѓународниот балкански универзитет Мехмет Дурсун Ердем, претседатели на политички партии, претставници на турските институции и организации во земјата и голем број гости.
Премиерот Зоран Заев во својот говор истакна дека Меѓународниот балкански универзитет е високо образовна институција кој е сериозен чинител во системот на образование во Република Северна Македонија.

„Меѓународниот балкански универзитет (МБУ) е мост на соработка меѓу нашата држава, државите од Балканот и Република Турција. Со одлуката да инвестира во нов универзитетски кампус, овде во главниот град, со најсовремени услови на образование, наука и истражување МБУ докажа дека инвестирањето во Северна Македонија е паметен чекор, особено кога инвестицијата се однесува најдиректно на младите генерации како што се овие универзитети“, нагласи Заев.
Заев, истакнувајќи дека МБУ е меѓународен универзитет во најсуштинска смисла на зборот затоа што е академска средина во која се работи и студира само на англиски јазик, рече дека академскиот кадар и студентите ги сочинуваат луѓе од најразлични нации, религии и култури.
Амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, истакна дека Меѓународниот балкански универзитет, кој е формиран под покровителство на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, уште повеќе ќе ги зацврсти врските помеѓу Турција и Северна Македонија.
„Меѓународниот балкански универзитет кој е формиран под покровителство на претседателот на Турција, со образување на нови генерации, покрај тоа што ќе дава светлина врз иднината на Северна Македонија и на балканските земји, уште повеќе ќе ги зацврсти врските помеѓу Турција и Северна Македонија”, нагласи амбасадорката Кара.
Таа на крајот од својот говор посакувајќи им многу успех на дипломците во понатамошниот живот рече дека дипломците со образованието кое го имаат стекнато на универзитетот ќе бидат корисни поединци во општеството каде што ќе живеат.
Претседателот на управниот одбор на Универзитетот, Ајдован Адемоски, заблагодарувајќи се на присуството на премиерот Зоран Заев на свечената манифестација, рече дека неговото лидерство и визија Северна Македонија ја носи напред кон НАТО и Европската Унија.
„Јас во сите прилики велам, ајде, заедно да чекориме напред. Владата, универзитетите и бизнис-заедницата да бидеме партнери, рака под рака заедно со Владата да чекориме напред и да ја носиме државата само напред и напред“, рече Адемоски, додавајќи дека како Универзитет се залагаат Северна Македонија да стане оаза на образованието на овие подрачја.
Ректорот на Меѓународниот балкански универзитет, Мехмет Дурсун Ердем, во својот говор потсети дека Универзиетот ја освоил титулата за најдобар Универзитет во Северна Македонија во категоријата образование на Шангајската ранг-листа, која во светската литература е еден од најзначајните критериуми на универзитетско рангирање.