Husamedin Gina
30 Октомври 2020•Ажурирај: 01 Ноември 2020
СКОПЈЕ (АА) - Под мотото „Мед и здравје“ на плоштадот „Македонија“ денеска започна Вториот пчеларски саем на Македонија, кој ќе трае три дена, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вториот пчеларски саем го отвори претседателот на Пчеларската федерација на Македонија, Јане Марков.
Претседателот во своето обраќање на отворањето го потенцираше значењето на медот и пчелните производи во подобрувањето на имунитетот на човекот.
„Со гордост можеме да кажеме дека пчеларството во [Северна] Македонија оди во нагорна линија. Имаме пчелари од сите бранши, од сите старосни структури и од спротивниот пол. Пчеларството станува фамилијарен бизнис со традиција и голем број млади се определуваат за него како основен бизнис. Имаме и наша автохтона пчела Апис Мелифера Македоника“, истакна Марков.
Посочувајќи дека на саемот има петнаесетина изложувачи од целата земја, Марков рече дека граѓаните ќе можат да ги пробаат и да си обезбедат од палетата квалитетни пчелни производи.
Главен покровител и домаќин на овој саем е Град Скопје, а организатор е Пчеларската федерација на Македонија.