Besar Ademi
22 Ноември 2017•Ажурирај: 22 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - По повод 22 Ноември, Битолскиот конгрес и Денот на албанската азбука, под покровителство на Секретаријатот на Владата на Македонија за имплементација на Охридскиот договор, во просториите на Владата беше приреден прием и официјална церемонија за доајените на образованието на албански јазик во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Доајените на албанското образование беа пречекани од страна на вицепремиерот задолжен за имплементација на Охридскиот договор и политичкиот систем, Хазби Лика, под чие покровителство беа организирани низа активности за одбележување на овој посебен ден во историјата на албанскиот народ.
На приемот за доајените на албанското образование, вицепремиерот Лика додели благодарница за семејството на Џеват Гега, кој почина минатиот месец. Гега, жител на Струга, е автор на над 100 научни студии, и на голем број преводи од и на албански јазик на познати странски автори, како и учесник на над 20 меѓународни симпоизуми, на кои се дискутираше околу проблемите на албанскиот јазик, литература и култура.
„Со изразувањето почит кон оваа личност и кон неговото семејство, ние денеска се солидаризираме со големото дело на членовите на нашиот конгрес за подготвување на азбуката на албанскиот јазик и потоа и за подобрување на албанскиот јазик како стандарден официјален јазик во 1972 година“, рече Лика.
На приемот беа присутни и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, како и министерот за правда, Билен Салији.
Денес попладне ќе биде организирана посета на Музејот на албанската азбука во Битола, а целиот настан ќе заврши со свечен концерт, кој традиционално се организира во земјата, а оваа година ќе се одржи во големата сала на Националната установа „Центар за култура“. На настанот оваа година предвидено е да учествуваат истакнати албански личности, министри и личности од меѓународната заедница.
Во текот на вчерашниот ден, во рамките на Денот на албанската азбука, се одржа научна дебата по повод 109-годишнината од Денот на албанската азбука, на која беа присутни истражувачи на албанологијата од научните институти во Македонија, Косово и Албанија. Специајлно поканет беше и претседателот на Албанија, Илир Мета, кој беше придружуван од страна на вицепремиерот Хазби Лика.
Инаку, Денот на албанската азбука или „Битолскиот конгрес“ го одбележува состанокот на десетици албански научници на 14-22 ноември 1908 година во Битола, со цел за создавање на албанската азбука. На овој конгрес, делегатите од Албанија и на албански здруженија и клубови од целиот свет, ја донесоа одлуката за прифаќање на латиницата со некои промени, адаптирајќи 36 букви на албанскиот јазик.
За албанскиот народ, „Битолскиот конгрес“ беше најважниот настан во почетокот на XX век, заедно со прогласувањето на независноста на Албанија на 28 ноември 1912 година. Со ова, 22 ноември останува ден за помнење за албанскиот народ, познат како „Ден на азбуката“.