СКОПЈЕ (АА) – Тахсин Ибрахим е избран за претседател на Сојузот на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), што делува во Северна Македонија речиси 20 години, известува Агенција Анадолија (АА).
Членовите на МАТУСИТЕБ на 9. Редовно генерално собрание што се одржа во хотел во Скопје го избраа новиот претседател.
На Генералното собрание присуствуваа координаторот на ТИКА Скопје, Халим Омер Согут, претставникот на ТРТ Скопје, Омер Рахми Серим, поранешните претседатели на МАТУСИТЕБ, Сулејман Баки и Тахсин Ибрахим, членови на Управниот одбор на Сојузот и претставници на здруженијата членки.
На спроведеното гласање, Тахсин Ибрахим, претседател на Образовниот центар за култура и уметност „Абдулхаким Хикмет Доган“ (АДЕКСАМ), едногласно е избран за нов претседател на МАТУСИТЕБ. Ибрахим беше четврти претседател на МАТУСИТЕБ во периодот од 2012 до 2016 година.

Претходниот претседател на МАТУСИТЕБ, Хусрев Емин, во својот говор рече дека по последниот состанок на Генералното собрание одржан во 2019 година, 9-тото Редовно генерално собрание е одржано денес поради вонредните околности што владееја во изминатиот период.
Посакувајќи состанокот на Генералното собрание да донесе благослов и за МАТУСИТЕБ и за турската заедница во Северна Македонија, Емин рече: „Посебно во МАТУСИТЕБ, каде што бев претседател два мандата во период на вонредни ситуации, трудејќи се да ја исполнам задачата како што треба. Се надеваме дека новиот претседател и новиот Управен одбор, што ќе бидат избрани денеска, во наредниот период ќе направат чекори кои ќе донесат подобар успех, подобра работа и подобра иднина за новите генерации и за турската заедница во Македонија.“
Координаторот на ТИКА Скопје, Халим Омер Согут, изразувајќи задоволство што надвор од својата должност, присуствува на состанокот на Генералното собрание на МАТУСИТЕБ како член на турското општество, продолжи со зборовите:
„Турската заедница на Балканот и во Румелија, која особено во Северна Македонија претставува бисер на регионот, била способна да прави избор по своја слободна волја и секогаш била елемент на мирот и толеранцијата во земјата и во регионот.“
Посочувајќи дека ТИКА работи во повеќе од 150 земји во светот, Согут истакна дека како институција му придаваат посебно значење на регионот Румелија, во кој имаат пријатели, браќа и роднини.
Потсетувајќи дека МАТУСИТЕБ од своето основање во 2003 година досега спроведе многу важни работи, координаторот на ТИКА Скопје, Согут, продолжи со зборовите: „Меѓу овие активности, особено треба да се подвлече дека со својата работа се истакна и даде свој придонес за националното единство и солидарноста на турската заедница, сочувувањето на обичаите, традицијата, како и отстранување на некои недостатоци во образованието и општествениот живот. Од тој аспект, МАТУСИТЕБ имаше големи одговорности во минатото, а ќе има големи одговорности и во иднина.“
Истакнувајќи дека како турски институции во земјата реализираат проекти со МАТУСИТЕБ, Согут истакна дека во рамките на добрата соработка се вршат студии во образованието, културни симпозиуми, курсеви по турски јазик и други тематики.
Новиот претседател Ибрахим, кој беше единствен кандидат, истакна дека МАТУСИТЕБ е важна институција на турската заедница во Северна Македонија.
Изјавувајќи дека бил номиниран за претседател на последниот состанок на Управниот одбор на МАТУСИТЕБ, Ибрахим рече:
„МАТУСИТЕБ е важна институција за Турците од Северна Македонија. Таа е институција, која утврдувајќи ги потребите на турската заедница низ целата земја, изработи проекти во согласност со тие потреби, поддржувајќи ги националните и духовните вредности на нашиот народ низ земјата, со своите активности во областа на културата.“
Истакнувајќи дека МАТУСИТЕБ обезбедува национално единство и солидарност меѓу Турците од Северна Македонија, Ибрахим рече дека ќе се фокусираат на турското образование, уметност и култура низ целата земја и додаде дека повеќе ќе работат на правичната застапеност низ целата земја.
„Ќе се обидеме да ги спроведеме сите овие работи заедно со нашите здруженија, за да го поставиме турскиот народ на подобро место во нашата земја. Се надевам дека 9-тото Редовно генерално собрание на МАТУСИТЕБ ќе биде од корист за Турците од Северна Македонија“, рече Ибрахим.
Од друга страна, МАТУСИТЕБ, формиран во 2003 година, врши различни активности како чадор-организација на повеќе од 50 невладини здруженија кои делуваат во Северна Македонија.