Furkan Abdula
09 Март 2019•Ажурирај: 09 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје се одржа отворањето на проектот „Онлајн работилница за писателство“, организиран од страна на Сојузот на писатели на Балканот и Сојузот на писатели на Евроазија, со поддршка на турската Агенција за соработка и координација (ТИКА), јавува Anadolu Agency (AA).
На отворањето на проектот учествуваа заменик-шефот на мисијата на Амбасадата на Турција во Скопје, Умут Лутфи Озтурк, координаторот на ТИКА во Скопје, Ајтекин Ајден, претседателот на Сојузот на писатели на Балканот, Муртеза Сулооџа и претседателот на Сојузот на писатели на Евроазија, Јакуп Омероглу, како и претставници на турските институции и организации во земјата, писатели, поети, наставници и ученици.
Заменик-шефот на мисијата на Амбасадата на Турција во Скопје, Озтурк, во своето обраќање пред присутните изрази задоволство што по една недела откако дошол во Скопје, учествувал во оваа програма за која рече дека е значајна за турскиот јазик и култура.
„Нашиот јазик е феномен којшто се развива не само доколку се зборува, туку и доколку се пишува и се чита напишаното на тој јазик. Упатувам благодарност до Сојузот на писатели на Балканот, Сојузот на писатели на Евроазија и МАТУСИТЕБ, кои дадоа придонес во организирањето на оваа значајна програма во насока на развивање и ширење на турскиот јазик, како и до канцеларијата на ТИКА во Скопје која даде поддршка во реализирање на оваа програма“, рече Озтурк.
Тој нагласи дека ќе ги продолжат нивните активности за унапредување на заинтересираноста за турскиот јазик и култура.
„Уште еднаш силно сакам да нагласам дека турскиот јазик и култура нема да бидат напуштени во зоната за злоупотреба на терористичките групи како ФЕТО, ниту на Балканот ниту во другите региони, и дека никогаш нема да го дозволиме тоа“, додаде Озтурк.
Координаторот на ТИКА во Скопје, Ајден, рече дека ТИКА од 2005 година во земјата реализирала над 900 проекти, меѓу кои и проекти за изучување на турскиот јазик и ширење на турската култура, и посака да продолжат и да се шират овие проекти.
„По основањето на Фондацијата „Маариф“, нашиот почитуван претседател [Реџеп Таип Ердоган] ја прими делегацијата на „Маариф“. Имаше две-три инструкции кои ги прифативме како наша мисија. Како што знаете, ФЕТО велеше дека има присуство во 170 земји и дека тоа се турски училишта. Нашиот претседател постави една цел по овие зборови, и тоа беше: ’Одете во 193 земји членки на ОН, учете ги на турски јазик и култура. Особено со овие работи да бидеме присутни на Балканот, Средниот Исток и во турските републики‘“, нагласи тој, додавајќи дека по оваа инструкција ја основале Онлајн работилницата за писателство, која според него има особено значење и мисија во насока на ширењето на турскиот јазик.
„Го реализираме овој проект со верување дека ќе се зајакнува турскиот јазик. Целта на овој проект кој ќе биде прв на Балканот и Источна Европа, е обединување на искуството на турскиот јазик со технологијата преку онлајн обуката за писателство и надеж за турскиот јазик преку станување пионер во развојот на младите писатели и поети во иднина“, рече Ајден.
Претседателот на Сојузот на писатели на Евроазија, Омероглу, истакна дека сакаат да ги објавуваат и првите и следните книги на лицата кои ќе се обучуваат во рамки на оваа онлајн работилница, и изрази надеж дека ќе постигнат плодни резултати од овој проект.
„Оние кои ќе ја завршат Онлајн работилницата, ќе бидат извор за гордост за нашата литература во наредните години. Секој писател е важен за нас. Живеењето на нашиот јазик значи живеење на нашата култура“, нагласи тој.
Претседателот на Сојузот на писатели на Балканот, Муртеза Сулооџа, рече дека нивната цел е да воспостават врски меѓу младите кои живеат пред сѐ во Северна Македонија, Западна Тракија и во другите земји на Балканот, и да ги поттикнат нив на пишување.
„Не се заборавени ниту Турците од Балканот кои живеат во дијаспората, и тие се вклучени во проектот. Ќе учествуваат и нашите млади писатели од Италија и Германија“, рече тој, додавајќи дека на денешната програма учествувале три генерации писатели.