СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје, пред петочната молитва (џума-намаз) во Џамијата „Мустафа Паша“, се одржа „Програма во чест на загинатите херои од 15 јули во Турција“, јавува Anadolu Agency (AA).
Во организација на Одделот за советништво за верски услуги при Амбасадата на Република Турција во Македонија, во Џамијата „Мустафа Паша“ се одржа Програма на која се изведоа молитви, се читаа делови од Куранот и се интерпретираа духовни песни (илахи).
Во рамките на Програмата која се организира како дел од активностите по повод „15 јули - Ден на демократијата и националното единство“, Исрафил Думан, имам во истанбулската Џамија „Хумајун Абад“, доц. д-р Абас Јахја, професор на Факултетот за веронаука при Универзитетот „Тракја“ и Елјеса Асани, имам од гостиварското село Здруње, го читаа Куранот и интерпретираа илахи.

Заменик-советникот за верски услуги при Амбасадата на Република Турција во Македонија, Тарик Коџа, потсети дека предавничкиот обид за државен удар на 15 јули е потиснат, благодарение на лидерството на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган и славниот отпор на храбриот турски народ и безбедносните сили.
Коџа истакна дека Програмата се организира во чест на загинатите херои по повод 2. годишнина од неуспешниот обид за државен удар, со цел да се почувствува отпорот кој го дале во тие моменти и тоа чувство да им се пренесе на следните генерации. „Во нашите молитви ги споменавме загинатите херои и од Господ побаравме повеќе да нема вакви денови. Душите на сите загинати херои нека почиваат во мир“, рече заменик-советникот за верски услуги, Коџа.
По Програмата, имамот на Џамијата „Мустафа Паша“ ја прочита пораката која по повод 15 јули ја упати поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи.
Во пораката се потсетува дека на 15 јули 2016 година, во пријателската и братска држава Турција е извршен обид за државен удар од страна на припадниците на терористичката организација ФЕТО кои се вгнездиле во државните институции.
Поглаварот на ИВЗ, Реџепи, во својата порака го изјави следното:
„За време на обидот за државен удар беа убиени 250 недолжни наши браќа Турци, и повеќе од 2.000 од нив беа ранети. Денес, по тој повод, за нашите браќа кои пред две години станаа шехиди (загинаа херојски) за светите вредности, од Господ барам милост за нивните души и заздравување за нашите ранети браќа. Посакувам Господ да го направи вечно нашето единство и заедништво, како и мирот и нашето братство. Да нè сочува од поделби, распарчувања, делби и растурања. Извлекувајќи поуки од преживеаниот лош настан, да нѐ сплоти сите како заедница, да ни подари ум и смиреност, за да не упаднеме во стапицата на подбуцнување, пакости и измами, за да можеме да одгледаме генерации со иман (силна верба), кои ја сакаат својата татковина и народ, и кои ќе ги попримат за свои, делата за кои нашите загинати херои ги дадоа своите животи.“
Потсетуваме, терористичката организација ФЕТО и нејзиниот лидер Фетула Ѓулен, стојат зад неуспешниот обид за државен удар во Турција кој се случи на 15 јули во 2016 година. Во обидот за државен удар, животите ги загубија 251 лице, додека околу 2.200 лица беа повредени.
news_share_descriptionsubscription_contact


