Furkan Abdula
23 Март 2018•Ажурирај: 23 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Со молитви во џамиите и со читање делови од светата книга Куранот, верниците од исламска вероисповед вечерва ја одбележаа Ноќта на Регаип, јавува Anadolu Agency (AA).
По тој повод, верниците ги исполнија скопските џамии каде ги извршија верските обреди.
Голем број верници вечерва присуствуаа во Јахја пашината џамија во Скопје, каде присуствуваа на молитва, а потоа беше организирана програма по овој повод од страна на Советништвото за верски прашања при Амбасадата на Турција во Скопје во соработка со Скопското муфтиство при Исламската верска заедница (ИВЗ) на Македонија.
Во рамките на оваа програма се читаа делови од Куранот, се интерпретираа илахии од страна на хафизите од Турција, Фатих Коџа, Јашар Чухадар, Мухамет Севинч и Шукру Асилерен, а имаше и предавање за важноста на ноќта на Регаип за муслиманите.
Советникот за верски прашања при Амбасадата на Турција во Скопје, Мурат Алкан, им ја честиташе ноќта на Регаип на муслиманите во Македонија и рече дека вечерва ќе интерпретираат илахии и ќе читаат Куран четири хафизи од Турција.
„Тука има голема заинтересираност за вакви програми. Џамијата е речиси целосно полна“, додаде Алкан.
Истакнувајќи дека слична ваква програма во текот на денот беше организирана во Мурат пашината џамија, Алкан нагласи дека истата ќе биде организирана и утре во џамијата Халвети Теќе во Струга.
Скопскиот муфтија, Ќенан Исмаили, во неговото обраќање во џамијата зборуваше околу важноста на ноќта на Регаип за муслиманите, и упати честитики по овој повод.
Ноќта на Регаип се смета како предвесник на светиот месец на постот Рамазан.