Dzihat Aliju
18 Мај 2024•Ажурирај: 20 Мај 2024
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје со поддршка на Дирекцијата за дијаспора и сродни заедници на Република Туркије (YTB) се одржа програма на отворање на проектот „Младинска школа Ќопру 2024“, известува Анадолу.
На настанот што се одржа во Куршунли ан, во историската Скопска турска чаршија, присуствуваа претставници на турската амбасада во Скопје, заменик министерот за култура на Северна Македонија, Онур Али, претставници на турски институции и организации во земјата, ученици и студенти.
Мехмед Ариф, заменик-претседател на здружението Ќопру и координатор на проектот Младинска школа Ќопру, ги потсети новинарите дека проектот „Младинска школа Ќопру“ го спроведуваат со поддршка на YTB од 2016 година.
Посочувајќи дека проектот е дизајниран како сеопфатна програма на образование за средношколци, студенти и магистранди кои живеат во Северна Македонија, вклучувајќи образование, работилници, културни патувања и програми на културно - уметничко поле, Ариф рече:
„Оваа година конкурираа нашите средношколци, студенти и магистранди кои учат во Скопје од различни градови на Северна Македонија. Добивме вкупно 190 апликации, а од нив прифативме 180. Имаме 7 работилници, меѓу кои и за литература, право, цивилизација, ликовни уметности. Учесниците ќе добијат обука и ќе посетуваат семинари на овие работилници во период од 2 до 3 месеци.“
Истакнувајќи дека во летниот период ќе организираат културно патување на Балканот или во Турција за учениците кои ќе ги посетуваат работилниците, Ариф нагласи дека целта на проектот, кој стана традиционален, е да им се даде приоритет на национално-духовните вредности и да се обезбеди обука за стручност во кариерата, насочена кон областите на интерес на младите.
Наведувајќи дека работилниците се одржуваат на просторот на „Бедестен“, лоциран во историската Скопска турска чаршија, Ариф рече дека покрај тоа, различни семинари, панели и културно-уметнички настани ќе се одржуваат и на различни места.
Координаторот на Институтот „Јунус Емре“ - Скопје, Талип Ердоган, истакна дека како институт спроведуват вакви активности во приближно 90 различни региони во светот.
Истакнувајќи дека турските сонародници во Скопје продолжуваат да ја поддржуваат турската култура, со цел нејзино зачувување, Ердоган рече:
„Со летната школа организирана од здружението Ќопру, нашите млади ќе се запознаат и да се дружат. Со обезбедување место во овој процес, им помогаме да се здружат, да дојдат на едно место. Нашата работа продолжува со цел на нашите сонародници и другите луѓе што живеат тука да им обезбедиме да учат турски јазик, одблиску да ја запознаат турската култура и да го зголемат контактот со нас.“
Во рамки на настанот беа поделени и сертификати, а своите впечатоци ги споделија тројца од посетителите на овој проект минатата година.