Besar Ademi
02 Ноември 2016•Ажурирај: 03 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Центарот за истражување и креирање политики во Скопје се одржа вториот Форум за отворено владино партнерство под наслов „Пет години отворено владино партнерство: за ЕУ интеграции, одржлив развој и луѓето?“ јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на форумот е да се соберат на едно место сите фактори чија работа е поврзана со целите на отвореното владино партнерство за подобрување на соработката меѓу државните институции и граѓанското општество.
Извршната директорка на Центарот за истражување и креирање политики, Марија Ристеска, рече дека оваа иницијатива е многу важна за граѓанското општество, бидејќи за подготовката на документот за политиката таа учествува рамноправно со власта, деловните здруженија и медиумите.
„Форумот има за цел да се дискутрира за тековните петгодишни достигнувања, како и за предизвиците кои нѐ очекуваат во иднина. Ова е процес кој е воспоставен на национално ниво, иако тој е инициран и наметнат на глобално ниво, но се приспособуваме на спецификите на нашата земја и е процес кој вообичаено се одвива независно. Значи, во иднина очекуваме да влијаат различни фактори и оваа иницијатива да се одвива во различни насоки“, рече Ристеска.
Заменик-министерот за информатичко општество и администрација на Република Македонија, Тимчо Муцунски истакна дека за владините институции овој процес е позитивно искуство, бидејќи, според него, владата и институциите со ова покажуваат дека се отворени и имаат можност да ги разберат очекувањата и предизвиците за иднината.
„Станува збор за предизвици во многу области. Во принцип, ние заедно со невладините актери ги идентификуваме овие предизвици кои нѐ очекуваат во иднина и работиме заедно за решавање на овие проблеми“, нагласи Муцунски, додавајќи дека повеќе се фокусирани на предизвиците од климатските промени, борбата против корупцијата и фискалната транспарентност.
Од друга страна, координаторот на ОН и постојан претставник на програмата за развој, Луиза Винтон, порача дека граѓанското општество треба повеќе да се вклучи во следење на спроведувањето на мерките во отвореното владино партнерство, со оглед на тоа што нивната улога во оваа област е важна.
„Гледаме голем напредок во оваа област, но, исто така, гледаме и предизвици кои доаѓаат од двете страни, владините институции и граѓанското општество. Потребна е политичка волја за споделување на информациите. Некои институции имаат тенденција за тајност, додека од друга страна, граѓанското општество и секој обичен граѓанин имаат право да знаат како владата донесува одлуки“, рече Винтон.
Форумот е поделен на неколку панели, каде што ќе се дискутира за вклучување на граѓанското општество во подготвувањето и спроведувањето на акцискиот план за отворено владино партнерство, како и нивниот придонес во оваа област.