Abdula Berisha,Dzihat Aliju
10 Декември 2024•Ажурирај: 11 Декември 2024
СКОПЈЕ (АА) - По повод Денот на човековите права, во Скопје беше организирана конференција за неуспесите на меѓународното право и перспективите за иднината, со фокус на примери од Газа, Украина и од Балканот, јавува Анадолу.
Конференцијата е организирана од Фондацијата за балкански студии, Светската асоцијација на правници (WOLAS) и Претседателството на Турците во странство и пријателски заедници (ЈТБ), со учество на истражувачи од областа на меѓународното право од Северна Македонија, Туркије, Англија, Италија, Шпанија и Словенија.
Претседателот на Фондацијата за балкански студии, Севба Абдула, во изјава за Анадолу рече дека во рамките на еднодневната конференција составена од четири сесии, ќе се дискутира за меѓународното право со примери од Газа, Украина и од Балканот.
„Меѓународното право е една од структурите што во последно време создава контроверзии, како со своите неуспеси, така и поради фактот што е важна институција за иднината. Меѓународното право е несомнено исклучително важна институција и феномен во нашиот Балкански Регион“, рече Абдула.
Хасан Басри Булбул, академик на Правниот факултет на Универзитетот „Богазичи“, кој се занимава со меѓународното право, човековите права, како и со правото за миграција и бегалците, изјави за Анадолу дека меѓународното право е на врвот на агендата во последниве години поради фактот што останало немоќно и покрај сè поголемото насилство.
Според него, меѓународното право е многу важна вредност што мора да се заштити во услови на конфликти, но истакна дека оваа вредност е многупати прекршена.
„Она што се случува во Газа, Палестина и Украина во последните години покажува колку се сериозни проблемите. Различните пристапи кон овие прашања и колебливоста на западниот свет по двете прашања се доста вознемирувачки. Како меѓународни правници, ние ги доведуваме во прашање овие нешта. Ја доведуваме во прашање природата и потенцијалот на меѓународното право во овој контекст. Нашата цел е да придонесеме за појава на поправедно меѓународно право“, рече Булбул.
Тој изрази надеж дека конференцијата ќе даде важен придонес за решавање на тензиите во Газа, Украина и на Балканот.
Генералниот координатор на здружението ВОЛАС, Омер Догубеј Аслан, рече дека целта на денешната конференција покрај идентификувањето на проблемите е и да се разгледа улогата на меѓународното право.
„Додека ние се собравме тука, светот се соочува со длабоки предизвици, од геноцидот во Газа до тековната војна во Украина. Секојдневно ги доживуваме ограничувањата и неуспесите на меѓународниот правен систем адекватно да ја спречи и да се справи со оваа криза. Сепак, оваа конференција нема за цел само дијагностицирање на проблемите, туку има за цел и предвидување можни решенија и преиспитување на улогата на меѓународното право“, рече Аслан.
Денот на човековите права се слави секоја година на 10 декември во светот.
Датумот беше избран во чест на усвојувањето и објавувањето на Универзалната декларација за човекови права од страна на Генералното собрание на Обединетите нации, на 10 декември 1948 година.