Furkan Abdula
18 Март 2019•Ажурирај: 19 Март 2019
Во Тетово денес се одржа церемонија по повод 104-годишнината од 18 Март - Победата на Чанаккале и сеќавање на загинатите во Чанаккале, организирана од страна на Меѓународните училишта „Маариф“, јавува Anadolu Agency (AA).
На програмата присуствуваа заменик-шефот на мисијата при Турската амбасада, Умут Љутфи Озтурк, директорот на Турската фондација „Маариф“ за Северна Македонија, Мустафа Дилиоглу, директорот на Институтот „Јунус Емре“, Скопје, Серхат Кула, советникот за образование при Амбасадата на Турција во Скопје, Ќемал Караоз, како и претставници на различни институции, ученици од училиштата „Маариф“ и други гости.
Програмата започна со интонирање на националната химна на Турција и беше прикажано кратко видео за победата на Чанаккале.
Заменик-шефот на мисијата при Турската амбасада, Умут Љутфи Озтурк, во својот говор истакна дека војната во Чанаккале и победата во таа војна одиграла важна улога во формирањето на националниот идентитет и свест.

„Во време на победата во Чанаккале, нашата земја, нашата нација, се разбира, помина низ многу проблематични и тешки времиња. Нашата земја беше окупирана. Под раководството на големиот лидер Ататурк се водеше голема војна, фала му на Бога дека нашиот народ успеа да ги победи окупаторските сили кои сакаа да ја окупираат нашата земја“, нагласи Озтурк.
Озтурк потсети дека Чанаккале е место каде што Мустафа Кемал Ататурк ги покажал своите лидерски, командантски способности, а исто така истакнал и способности дека е гениј за војна.
„Најверојатно не може да се одрече дека победата на Чанаккале дала придонес и значење во формирањето на упорноста и одлучноста на нацијата“, нагласи Озтурк.
Озтурк, потсетувајќи дека на овој ден се споменуваат загинатите во Чанаккале, ја пренесе пораката на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, по повод 18 Март, Победата на Чанаккале и сеќавање на загинатите во Чанаккале.
Зафер Чинар, директорот на Меѓународните училишта „Маариф“, истакна дека на своите ученици им зборувал за значењето на војната во Чанаккале и извојуваната победа во светската историја, и додаде дека се трудел да им го пренесе духот на Чанаккале
Чинар изјави: „Правејќи го ова, ги потсетуваме на следното: Дека имаме голема надеж во нив. Да имаат идеја и таа идеја спроведувајќи ја во живот, спроведувајќи ја во акција, да ја заживеат и на тој начин да ја оформат иднината. Сѐ уште има некои кои доаѓајќи од други делови на светот, сакаат да го заживеат окупаторскиот менталитет на Анзак (Австралиски и новозеландски армиски корпус) и во таа насока, прават обиди во живот да ја спроведат лошата идеологија“.

Потсетувајќи на терористичките напади врз џамиите во Нов Зеланд, Чинар рече дека тој настан е производ на деструктивен менталитет.
Суде Таравари, ученичка во прва година во Меѓународните училишта „Маариф“, изјави: „Знаеме дека победата на Чанаккале не е извојувана само со војна, туку и со силна верба и затоа сме многу горди. Не ги заборавивме нашите херои кои ги дадоа своите животи на Чанаккале, нема ни да ги заборавиме. Со љубов се сеќаваме на нив.“
Езхер Мемети, ученик во прва година, изјави дека Победата на Чанаккале е еп во кој со верба и верување, на херојски начин, е извојувана херојска победа наспроти невозможното и додаде: „Со почит и благодарност се сеќаваме на сите херои од Чанаккале, кои ни овозможија денес да живееме во слобода. Нека почиваат во мир.“
Од друга страна, Јусуф Нијази Велиу, чиј дедо бил ветеран од војната во Чанаккале, рече дека неговиот дедо во борбата на Чанаккале бил погоден од 26 куршуми, од кои биле извлечени 25, а еден куршум го носел во своето тело цел живот, до својата смрт.
Мехмет Каплан, кој пристигна од Турција и е експерт за локална историја, во рамките на програмата изведе презентација на тема „Епот за Чанаккале низ очите на Мехмет Акиф“.
На крајот од програмата им беа доделени награди на учениците што учествуваа на натпреварот во цртеж, песна и композиција на тема „Победата на Чанаккале“.