Stipe Majic
11 Мај 2020•Ажурирај: 12 Мај 2020
ЗАГРЕБ (АА) - Од денес во Хрватска е на сила третата фаза на олеснување на епидемиолошките мерки, така што своите врати по речиси два месеца забрана за работа поради коронавирусот ги отвораат кафулињата, рестораните, трговските центри и дел од училиштата, но со придржување до посебни епидемиолошки мерки, јавува Агенција Анадолија (АА).
Поради константното намалување на бројот на новозаразени лица со коронавирусот и поволната епидемиолошка слика, од денес на сила е третиот степен на релаксација на рестриктивните мерки кои се применуваат на територијата на цела Хрватска, со исклучок на островот Брач на кој бројот на новозаразени во последните денови е во пораст.
Така, кафулињата и рестораните ги отворија терасите и затворените простори за гости, но отворени се и трговските центри, како и предучилишните и училишните установи за деца од 1 до 4 одделение, додека и понатаму поголем дел од наставната програма се одвива на далечина, преку телевизија и интернет.
Од сопствениците на угостителските објекти се бара да обезбедат растојание помеѓу масите, а од гостите се бара да одржуваат растојание од најмалку 1,5 метар. Исто така, келнерите мора да носат заштитни маски и ракавици и да им овозможат на гостите достапно средство за дезинфекција.
Според проценките на хрватската министерка за образование, Блаженка Дивјак, во училишните клупи денес се враќаат околу 4.500 ученици, додека во предучилишните установи се враќаат над 12.000 деца. Сепак, препораката е што поголем број деца да останат дома, особено ако станува збор за деца со хронични болести.
Одобрено е собирање до 40 лица, наместо досегашното ограничување на пет лица, што последователно овозможува работење на трговските центри, угостителските објекти, националните паркови и парковите на природата, како и одржувањето проби на уметниците и културните работници во помали групи.
Се укинуваат е-пропусниците за територијата на Хрватска и се воспоставуваат меѓуградскиот патен, железнички и домашниот воздушен превоз на патници, се отвораат автобуските и железничките станици за меѓуградски сообраќај.
Хрватска денес ги отвора и границите, така што сите граѓани кои доаѓаат од земјите на Европската Унија не мора да одат во двонеделен карантин, но влезот во Хрватска од трети земји не се препорачува до 15 јуни, кога се очекува да бидат укинати и тие мерки.
Отворени се и детските игралишта и рекреациските постори на отворено.
Од следниот понеделник, 18 мај, ќе биде можно повторно организирање културни програми и манифестации во затворено и на отворено, одржување тренинзи, работа на теретаните, спортските и фитнес-центрите, како и на базените.