Andelija Stojkovic
04 Август 2018•Ажурирај: 05 Август 2018
БЕЛГРАД (AA) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека на Советот за национална безбедност се донесени повеќе мерки кои се однесуваат на Владата на Србија, на Војската и на другите безбедносни сили, со цел подигнување на борбената готовност, јавува Anadolu Agency (AA).
Вучиќ рече дека имало дејствување од различни центри од Приштина, Белград и од другите центри на моќ за да се создаде впечаток дека „се готви нешто страшно“.
„Со повеќеслојно и разновидно агентурно дејствување доведени сме во позиција да се браниме од „трачеви“ и денеска да бидеме среќни што ништо не се случило, што сме живи, што не нè убиле“, рече Вучиќ пред новинарите, по состанокот со поглаварот на Српската православна црква, патријархот Иринеј.
Тој рече дека поради таквите „трачеви“ за договорени судири, Србија денеска не може да зборува за тоа дека за 1.930 дена Приштина не ја исполнила својата обврска за формирање на Заедницата на српски општини.
Вучиќ изјави дека Србија ќе даде сè од себе да го сочува мирот „речиси по секоја цена“, но дека никогаш повеќе нема да дозволи погром над српско население.
Прашан што очекува од меѓународната заедница, Вучиќ одговори дека не очекува ништо.
„Што очекувате од луѓе кои Косово го доживуваат како независна држава“, рече Вучиќ.
Прашан што ќе направи Србија за тоа што Косово не го исполнува Бриселскиот договор, претседателот изјави: „нема до одиме со грло во јагоди“.
Вучиќ рече дека ги повикува Србите од Косово да молчат уште неколку дена.
Тој се осврна и на состанокот со патријархот Иринеј и рече дека разговарале за Србите на Косово, во БиХ, Црна Гора и во Хрватска, за последиците од хрватската операција „Бура“ во 1995 година, и за демографијата.
Вучиќ додаде дека го запознал патријархот со содржината на разговорите кои се водат со Приштина во Брисел.
„Реков на отворен начин сè што мислам за Косово и Метохија, и за сите други важни прашања. Задоволен сум што ме сослуша. И јас самиот од него слушнав сè што мисли тој и што мисли Српската црква“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека разговорите биле отворени, но дека разговорот не бил воден по системот: „јас тебе, војводо - ти мене, сердаре“.
Говорејќи за одбележувањето на годишнината на операцијата „Бура“ и за хрватската прослава на Денот на победата, Вучиќ рече дека Србија ќе продолжи да работи на поправање на положбата на хрватското малцинство во Србија.