Kemal Zorlak
27 Февруари 2025•Ажурирај: 27 Февруари 2025
БАЊА ЛУКА (АА) – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по средбата со претседателот на босанскохерцеговскиот ентитет РС, Милорад Додик, порача дека Србија ќе даде сѐ од себе да помогне да се зачува мирот, но и дека Србија секогаш ќе биде покрај Република Српска, јавува Анадолу.
Посетата на Вучиќ на Бања Лука следуваше по денешната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина, со која Милорад Додик е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење на функцијата.
„Денес ситуацијата и реалноста се сосема различни. Денес сè е сменето. Не само суштински, фактички, туку и емотивно. И кај српскиот народ и кај припадниците на сите други народи. А тоа не е лесно да се надмине“, рече Вучиќ.
Тој најави седница на Парламентот на Србија на која ќе говори Милорад Додик, но и можна иницијатива за седница на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН).
Рече дека дошол да ги замоли Додик и раководството на РС уште еднаш да ги повикаат на разговор сите претставници на власта, а не само властите туку и сите политички актери во БиХ.
„Дојдов да го замолам претседателот Додик да започне дијалог, да започне разговори, да ја покаже определеноста на Србија за мир, за решавање на проблемите преку дијалог, а не со закани и уцени“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека ги замолил Додик и другите политички актери во РС за заедништво и единство за клучните теми.
„Важно е за клучните национални прашања да имаме и такво единство“, рече тој.
Вучиќ додаде дека „Србија ќе даде сѐ од себе секогаш и во секое време да помогне за зачувување на мирот, но дека Србија секогаш ќе стои покрај Република Српска, покрај својот народ“.
Во фокусот на обраќањето на Додик, исто така, беа повиците за разговор и дијалог.
„Многу е важно што ќе имаме седница на Собранието на Србија и ќе имаме можност раководството на Република Српска да го изнесе својот став за реализација на Дејтонскиот договор затоа што Србија е потписник на Општиот рамковен договор“, рече Додик и продолжи:
„И ние се заложуваме за тоа да го зачуваме мирот. Ги повикуваме сите луѓе во Република Српска, пред сè, да ја зачуваат стабилноста, да го зачуваат мирот. Ние не напаѓаме никого. Немаме ниеден воен план. Немаме ништо во тој поглед ниту, пак, подготвуваме посебни планови, ниту ресурси за такво нешто. И подготвени сме да разговараме, но не да бидеме игнорирани“, рече Додик.
Тој нагласи дека е подготвен да разговара со сите претставници на бошњачкиот и хрватскиот народ.
„И ние веќе утре, раководството на Република Српска, ќе повикаме на разговори, а тоа е основната намера и нашите барања овде. Да разговараме, да кажеме што може, што не може. Разговорот е решение во овој момент. И кога ќе нѐ одбиете првиот пат, ќе побараме и вторпат. И кога ќе нѐ одбиете вториот пат, ќе бараме третпат да разговараме“, рече тој.
Додик истакна дека денес е сменета и позицијата на бошњачкиот народ, но дека тоа „мора да го објаснат нивните лидери“.
Потоа се пожали дека во судскиот просец „му суделе само Бошњаци“, а потоа повторно повикал на разговор:
„Ги повикувам на разговор, стојам на располагање. Ако ме повикаат, се нудам утре во 10 часот да бидам во Сараево. Каде сакаат нека ме викнат, ќе дојдам. Ако не ми се јават утре, јас ќе ги побарам задутре. Јас сум подготвен за разговор.“
Судот на Босна и Херцеговина денес донесе пресуда со која Милорад Додик е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за извршување на функцијата претседател на Република Српска поради непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ.
Додик не присуствуваше на изрекувањето на пресудата. Наместо тоа, тој се обрати на митингот на своите поддржувачи во Бања Лука, навредувајќи ги правосудството во БиХ и високиот претставник Кристијан Шмит. Тој најави дека РС ќе донесе закони за забрана на правосудните и безбедносните институции на БиХ на територијата на ентитетот.