Andelija Stojkovic
18 Мај 2017•Ажурирај: 19 Мај 2017
БЕЛГРАД (AA) – Претседателот на Владата на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека го интересира само како Македонија ќе се однесува кон Србија и дека не му пречи „кога го навредува", мандатарот за состав на Владата на Македонија, Зоран Заев, јавува Anadolu Agency (AA).
„Не би сакал да ги коментирам односите во Македонија. Мене не ми пречи што ме навредуваше, за мене е важно како ќе се однесувате кон Србија. Ако ја критикував Македонија, ја критикував затоа што гласаа за влегување на Косово во УНЕСКО“, им рече Вучиќ на новинарите во Оџаци, коментирајќи ја вчерашната изјава на Заев дека му е непријатно да слуша „како Србија зборува за Македонија“.
Вучиќ додаде дека ќе види како Македонија ќе пристапи кон новото гласање за приемот на Косово во УНЕСКО.
Зоран Заев вчера за телевизијата „N1" изјави дека му е непријатно на кој начин Србија ги коментира случувањата во Македонија, но дека тој ќе се труди да има добри односи со Белград.
„Видете, (премиерот на Србија, Александар) Вучиќ водеше кампања и буквално во секој настап говореше за некакво 'македонско сценарио'. За жал, за мене беше непријатно да го слушам, како нашиот сосед зборува за Македонија“, рече Заев.
На таа изјава на Заев вчера реагираше и министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ. Тој оцени дека мандатарот за состав на новата Влада на Македонија, со своите изјави ги нарушува односите на Белград и Скопје и дека навредите кои ги упатува кон српското раководство секако ќе влијаат на билатералните односи.
„Србија сигурно нема да му дозволи на кого било, па ни на Заев, да ја понижува, а односот кон властите во Скопје во иднина ќе биде реципрочен на нивниот однос кон Србија", наведе Дачиќ во соопштението.