Bojan Bednar
03 Февруари 2022•Ажурирај: 04 Февруари 2022
БЕЛГРАД
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска му се заблагодари на тенисерот Новак Ѓоковиќ затоа што ја прославил Србија и што секогаш е со народот и земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вучиќ во текот на состанокот му се заблагодари на тенисерот што секаде чесно и храбро го претставува српскиот народ и оцени дека „борбата“ на Ѓоковиќ во Австралија била непобитна и за восхит.
Вучиќ потсети дека тоа утро кога на Ѓоковиќ првпат му бил оневозможен влез во Австралија, разговарал со тенисерот и му порачал: „Ајде, Новак, врати се назад, дојди во својата Србија, ние тука те чекаме“, но дека видел колку човекот е упорен на спортски план да се избори не само за себе, туку и за својата земја.
Ѓоковиќ ѝ се заблагодари на Србија за поддршката во текот на неговиот престој во Австралија, а на Вучиќ за големата поддршка која му ја пружил претседателот.
„Ја имав поддршката на целиот српски народ и многу добронамерни луѓе од регионот и светот“, рече Ѓоковиќ.
Првиот рекет во светот додаде дека престојот во Австралија во најмала рака бил неочекуван.
Тој наведе дека државата Србија немала обврска да му пружи поддршка како што му пружила, и му се заблагодари на Вучиќ што се ангажирал и застанал зад него и веројатно себеси се ставил во компромитирачка политичка позиција во поглед на меѓународните односи.
Ѓоковиќ оцени дека „тоа не се подразбира, туку се цени и почитува“.
„Мојата врска и односот кон српскиот народ е сѐ посилна од ден на ден и околностите во Австралија покажаа дека таа врска ќе биде таква засекогаш и од срце на сите им се заблагодарувам“, порача Ѓоковиќ.