Bojana Stojanovic
26 Март 2018•Ажурирај: 27 Март 2018
БЕЛГРАД (АА) - Сите кои учествуваа во грабнувањето на директорот на Канцеларијата за Косово, Марко Ѓуриќ, и тепањето на Ѓуриќ и другите, ќе одговара пред српските државни органи, изјави вечерва претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јавува Anadolu Аgency (AA).
По седницата на Советот за национална безбедност на Србија, Вучиќ на прес-конференција во Белград истакна дека меѓу оние кои учествувале во: „грабнувањето, бруталната провокација, чинот на безумие и најтешкиот криминален акт“ има и двајца српски државјани, кои им помагале на косовските органи тоа да го спроведат на дело.
„Србија никогаш, никому нема да му се заканува, Србија доживеа и преживеа бројни понижувања, но Србија нема никому да дозволи да го уништи нејзиниот народ. Тоа е наша јасна и недвосмислена порака“, рече Вучиќ, додавајќи дека државата ќе даде сè од себе секогаш да го сочува мирот и спокојството, но дека никому нема да дозволи да ја загрози безбедноста на нејзините граѓани.
Тој ги повика граѓаните на северот на Косово да не прават чекори кои ќе ја ескалираат „тешката ситуација во Косово“, и да бидат мирни и спокојни бидејќи: „албанските терористи нема да можат да преземат ништо против нив, ниту тие, ниту нивните западни помагачи“.
Според него, Србија ги почитувала сите меѓународни акти и договори потпишани со Приштина, а како што рече: „терористичката банда влезе во Северна Митровица и го уапси Ѓуриќ“.
Како што истакна Вучиќ, Марко Ѓуриќ, во согласност со договорот, трипати предвреме испратил известување, и дека на полноќ пред патувањето му стигнал одговор дека не се во состојба да му одобрат влез, бидејќи тоа не е поднесено навреме.
„Ние не бараме никаква дозвола од нив. Ние нив ги известуваме“, рече тој.
Вучиќ додаде дека во наредните денови на јавноста ќе ѝ бидат доставени снимките за апсењето на Ѓуриќ.
Српскиот претседател, исто така, рече дека предмалку разговарал со Ѓуриќ, кој е на пат кон Белград, каде што ќе му биде извршен лекарски преглед.
Вучиќ нагласи дека со ладна глава ќе биде донесена одлука за тоа дали ќе се продолжи со дијалогот меѓу Белград и Приштина, повторувајќи: „Албанците лажат кога велат дека ќе се формира Заедница на српски општини“.
Претходно, претседателот на Косово, Хашим Тачи, наведе дека Ѓуриќ влегол на Косово нелегално, и дека косовската полиција делувала во согласност со своите надлежности, професионалноста и заштитата на редот и законот во Косово.
Тој нагласи дека Марко Ѓуриќ минал преку редовна постапка во обвинителството и судот и дека косовската полиција го испратила до граничниот премин меѓу Косово и Србија, каде што бил преземен од српската полиција.
Потсетуваме, косовската полиција во Митровица го уапси директорот на Канцеларијата за Косово во српската Влада, Марко Ѓуриќ, по што беше префрлен во полициска станица во Приштина.