Andjelija Stojkovic
10 Јануари 2018•Ажурирај: 10 Јануари 2018
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, воедно и претседател на Српската напредна партија, Александар Вучиќ, денеска по седницата на Претседателството на партијата рече дека вонредните парламентарни избори во Србија оваа година нема да бидат истовремено со изборите за Собранието на Белград, јавува Anadolu Agency (AA).
Вучиќ рече дека таквата одлука е донесена бидејќи е во интерес на државата, што е поважно од интересите на партијата.
Тој рече дека мислењето на членовите на Претседателството за прашањето за одржување на вонредни парламентарни избори било поделено, но дека на крајот за спојување на изборите гласале само потпретседателите на Главниот одбор на Српската напредна партија Марија Обрадовиќ и Миленко Јованов.
„Повеќе од половина од луѓето зборуваа така (дека се за спојување на изборите), рече Вучиќ, додавајќи дека парламентарните избори ќе се одржат во 2020 година, освен ако нешто не се испречи.
Вучиќ рече дека белградските избори ќе бидат во март, и дека името на листата предводена од Српската напредна партија (СНП) ќе биде „Александар Вучиќ - Затоа што го сакаме Белград“.
Тој истакна дека тимот на СНП за Белград ќе биде познат кога претседателката на српското Собрание Маја Гојковиќ, ќе ги распише и белградските избори.
„Нема ни во загради да ги ставиме имињата на партиите, сакаме граѓаните да гласаат за она за што сме во состојба да го направиме. Ќе има многу нови луѓе кои обично не се членови на ниедна партија, луѓе кои имаат храброст да се соочат со оние кои сакаат да го срушат она што е изградено“, рече Вучиќ.
Вучиќ рече дека сегашниот градоначалник на Белград, Синиша Мали, ќе биде во тимот на Српската напредна партија, но не и носител на листа.
Тој додаде дека ќе разговара со Социјалистичката партија на Србија (СПС) по изборите, но дека на белградските избори нема да излегува како една листа.
Вучиќ нагласи дека добар дел од „Белград на вода“ и метрото ќе бидат завршени во следниот мандат на Српската напредна партија, додавајќи дека за време на нивниот мандат невработеноста во Белград е на историско најниско ниво и дека изнесува околу 87.000 невработени лица.
Тој ги повика граѓаните да гласаат за подобар Белград, а не за омраза.
Седницата на Претседателството траеше околу два часа, а Претседателството ја донесе истата одлука и во ноември.