Bojana Stojanovic
06 Април 2020•Ажурирај: 06 Април 2020
БЕЛГРАД
Србија е подготвена на полна соработка со претставниците на институциите во Приштина во сузбивање на Ковид-19, изјави денес претседателот на Србија, Александар Вучиќ во телефонски разговор со специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН и шефот на мисијата на ОН на Косово, Захир Танин, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Специјалниот претставник Танин изрази жалење поради жртвите од заразната болест во Србија и го поддржа Вучиќ во борбата против нејзиното ширење, соопштено е од Претседателството на Србија.
Претседателот на Србија изјави дека е загрижен поради ширењето на болеста на Косово и ја изрази одлучноста на Србија да и помогне на српската заедница на Косово, но и подготвеноста на полната соработка со Албанците и заедничката работа со претставниците на привремените институции во Приштина во спречувањето на Ковид-19.
Двајцата соговорници разговараа и за политичката и безбедноста ситуација на Косово, по повод престојната седница на Советот за безбедност посветена на извештајот на генералниот секретар на ОН за работата на УНМИК, која ќе биде одржана преку видеоконференција.
Вучиќ истакна дека седниците на Советот за безбедност, посветени на работата на УНМИК се важни за Србија поради одржувањето на континуитет за разгледување на прашањето за Косово, како и поради редовното информирање за политичката и безбедносна ситуација, која е далеку од стабилна.