Gorana Jakovljevic
01 Октомври 2017•Ажурирај: 02 Октомври 2017
ЛАКТАШИ (АА) - Посетата на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, на Србија на 10 октомври е исклучително значајна, оцени денес српскиот претседател Александар Вучиќ, јавува Аnadolu Agency (AA).
„Очекувам да ги развиваме нашите односи во добар правец, особено економските односи. Мислам дека е исклучително важна вест за нас, а во Србија помина речиси незабележано, тоа што ќе можеме да извезуваме без царина 5.000 тони говедско месо. Не заборавајте, царината за тоа и за сончогледово масло изнесуваше помеѓу 50 и 120 отсто. Тоа за нас е од многу големо значење и ние ќе продолжиме да ја развиваме оваа соработка. Важно е да имаме и таков вид на политичка стабилност во односите со Турција. Мислам дека станува збор за многу значајна посета“, изјави Вучиќ за новинарите во Лакташи, по церемонијата на отворањето на автопатот Маховљани-Друговиќи.
Тој додаде дека утре во посета на Србија доаѓа претседателот на Грција, а седум дена подоцна турскиот претседател Ердоган.
На новинарското прашање дали има притисоци да влијае на Милорад Додик, претседателот на Република Српска, и дали го дели мислењето на Додик дека Република Српска и Србија еден ден ќе бидат едно, Вучиќ изјави дека никогаш не врши притисок врз никого, поради тоа што неретко и самиот бил изложен на различни притисоци.
„Србија го почитува интегритетот на сите земји во регионот, како што реков, ние го почитуваме интегритетот на Босна и Херцеговина и многу ја сакаме Република Српска“, рече Вучиќ.