Bojana Stojanovic
16 Мај 2020•Ажурирај: 17 Мај 2020
БЕЛГРАД (АА) - Србија ќе биде покрај својот народ и својата црква, ја почитува Црна Гора како држава, но не може да молчи на тоа што се случува со нејзиниот народ во таа земја, изјави денес српскиот претседател Александар Вучиќ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
По конференцискиот состанок со претставниците на српските политички, културни и интелектуални кругови од Црна Гора, што се одржа поради неможноста делегацијата да дојде во Белград поради мерките на Владата на Црна Гора за превенција од коронавирусот, Вучиќ рече дека на состанокот е договорено Србија да продолжи со помагањето на српскиот народ во Црна Гора.
„Тие го очекуваат тоа од Србија, затоа што тоа е наша обврска“, рече Вучиќ за телевизија „Прва“.
Тој најави дека повторно ќе се види со нив наскоро во Белград, кога би требало да присуствуваат и поглаварот на Српската православна црква, патријархот Иринеј, членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, и претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ.
„На денешниот состанок изразена е загриженост и поради апсењето на владиката Јоаникиј“, додаде Вучиќ.
„Во разговорите го слушнав стравувањето на луѓето дека некој планира на ист начин да го решава проблемот со нашиот народ како во некои други држави од поранешна Југославија. Јас во тоа не верувам, но сум загрижен“, рече Вучиќ.
Како што рече, наредил воената полиција превентивно да ги обезбедува прифатните центри за мигранти Шид, Адашевци и Принциповац, бидејќи луѓето што живеат таму се чувствуваат небезбедни.
„Постапив согласно проценките на нашите безбедносни служби и иницијативата на граѓаните од територијата на Шид. Воената полиција, која во поширока смисла припаѓа на корпусот на специјалните единици, ќе ги заземе сите три пункта, Адашевци, Принциповац и Шид, ќе преземе целосна контрола и ќе ја осигури безбедноста на граѓаните“, рече тој.
Таа мерка е преземена поради тоа што мигрантите, како што рече Вучиќ, вршат од ситни кражби до упади на имоти.
„Во тек се летните работи, луѓето се чувствуваат несигурно и небезбедно, а не можете да им забраните движење на мигрантите. Во такви услови, кога немаат пари, луѓето бараат решение, па упаѓаат во куќите, нивите, шталите. Мора да го спречиме тоа и да ги заштитиме луѓето“, наведе Вучиќ и додаде дека нема место за драма.
Во врска со денешната состојба со коронавирусот во Србија, Вучиќ изјави дека до 11 часот наутро биле тестирани 4.844 лица, од кои 34 биле позитивни, што значи дека бројот на позитивни случаи на вирусот денес е најниска и изнесува 0,75 отсто, но дека тоа не значи дека луѓето треба да се опуштат, затоа што и денес има починати.