Husamedin Gina
04 Март 2019•Ажурирај: 05 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, и германскиот амбасадор Томас Герберих денес потпишаа Протокол за примопредавање донација на возила и опрема за МВР, јавува Anadolu Agency (AA).
Оливер Спасовски денес имаше работна средба со генерал Грегор Пелцл, директор на Одделението за анализа при Федералната полиција на Германија, и со германскиот амбасадор во Скопје, Томас Герберих. По средбата, Спасовски и Герберих одржаа заедничка прес-конференција.
„Дваесет возила од марката „дачиа дастер“ вредни околу 323.000 илјади евра, како и 351 пар специјални обувки, чизми, во вредност од 45.000 за потребите на Граничната полиција при Бирото за јавна безбедност“, истакна Оливер Спасовски, додавајќи дека Сојузна Република Германија беше една од земјите коишто без ни малку задршка и двоумење дале огромен придонес во напорите за градење стабилно, демократско и просперитетно општество.
„Оваа помош е добродојдена“, нагласи Спасовски, додавајќи дека уште поважен е фактот дека Сојузна Република Германија останува доследен поддржувач и близок соработник на Северна Македонија во решеноста за спроведување на реформите и патот кон членството во Европската Унија.
Германскиот амбасадор Томас Герберих нагласи дека Северна Македонија, со постигнувањето на Преспанскиот договор, всушност, даде пример за тоа како може да се решаваат конфликти во регионот.
„Сега следен момент што ќе биде значаен тоа ќе биде јуни оваа година, кога Советот на ЕУ ќе заседава во Брисел. И кога земјите членки ќе треба да одлучат дали оваа година ќе се започнат преговори за пристапно членство“, рече амбасадорот Герберих, потсетувајќи дека Владата на Северна Македонија ќе мора да спроведе одредени реформи, во кои се вбројуваат и реформите на безбедносните структури.
Ова е трета германска донација за потребите на полициските единици при Министерството за внатрешни работи, чијашто вкупна вредност ја надминува бројката од 660.000 евра.