Zylfije Adem Jakupi
18 Март 2021•Ажурирај: 19 Март 2021
ПРИШТИНА
Првиот потпретседател на Владата на Република Северна Македонија Артан Груби се состана денес во Приштина со вршителката на должноста претседател на Косово Вјоса Османи, како и со лидерите на политичките партии, од кои побара поддршка во процесот на пописот на населението на Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Груби по состанокот со Османи изјави дека од неа добил ветување дека ја пружи својата максимална поддршка во процесот на пописот на албанската дијаспора од Северна Македонија.
„Ми беше задоволство да се состанам со госпоѓа Вјоса Османи, вршителката на должноста претседателка на Косово и да и честитам на големата победа на предвремените парламентарни избори во Косово, спектакуларната победа, со големо учество на дијаспората, како и да побарам таа спектакуларна победа се преведе во поддршка на процесот на попишување на албанската дијаспора од Северна Македонија, преку соработката со дијаспората на Република Косово во странство. Таа вети дека ќе се приклучи кон тој процес и ќе ја пружи својата максимална поддршка", нагласи Груби.
Груби рече дека на Османи и посакал што побрзо формирање на косовските институции за да без одложување се одржи состанокот на двете влади поради спроведувањето на претходно ветените проекти, вклучувајќи го патот Призрен-Тетово, заедничкиот туристички центар на Брезовица и Сончевиот рид и низа други билатерални договори.
Груби се состана и со лидерите на Демократската партија на Косово (ПДК), Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Алијансата за иднина на Косово (ААК).
Вршителот на должноста претседател на ПДК Енвер Хоџај по состанокот рече дека со Груби разговарал за две важни прашања за регионот и Албанците, а тоа се процесот на попишување на населението во Северна Македонија и организирање на заедничката седница на двете влади.
Хоџај ја повика целокупната албанска дијаспора од Балканот да го поддржи пописот во Северна Македонија, бидејќи, според него, тоа не е технички, туку многу важен политички процес кој ма врска со иднината на Албанците во Северна Македонија, соопштено е од ПДК.
Груби нагласи дека Хоџај е голем пријател на Албанците во Северна Македонија и го повика да ги координира активностите во процесот на попишувањето и другите активности со дијаспората, како што тоа го правел и во минатото.
Лидерот на ЛДК Лумир Абдиџику рече дека со Груби разговарал за односите на Албанците во двете земји и дека Груби ги повикал структурите на ЛДК во дијаспората да помогнат во пописот на албанското население во Северна Македонија.
„Еден од столбовите на нашата политичка платформа е соработката со албанските партии во регионот и таа соработка не е само оригинална и традиционална туку неопходна и за нашите идни односи", рече Абдиџику, наведено е во соопштението на ЛДК.
Пописот на Албанците во Северна Македонија го поддржа и лидерот на ААК, Рамуш Харадинај, кој нагласи дека со овој процес Албанците ќе си помогнат на себеси, на своите семејства, својата татковина и целиот регион.